Вести Економија Македонија Топ вести

Бугарската компанија „Балкан Јутилитис“, која ЕСМ ја избра за снабдување со гас, поврзана со рускиот олигарх Лебедев и бројни сомнителни трансакции

Македонските медиуми објавуваат денеска загрижувачки информации за „Балкан Јутилитис“,  бугарската компанија од која Македонија ќе купува гас во наредните 4 месеци,

Порталот МКД.МК пренесува дека компанијата е поврзана со рускиот олигарх Лебедев и со многу други сомнителни зделки на релација Русија, Грција, Бугарија, Кипар, Девствени острови.

Според овие информации, кои ги пренесуваат и грчки медиуми, со компаниите на милијардерот Лебедев, кој е сопственик на енергетскиот гигант Синтез кој работи со природен гас и во Грција, се поврзани и информациите за заеми од офшор компании кои се отпишани.

„Бројни се извештаите за нетранспарентност и блиски врски на компаниите на Лебедев со тогашната коалициска влада на Сириза и Независни Грци. Компанијата ТГЦ-2 беше предмет на руски истраги во врска со трансфер на 150 милиони американски долари на Кипар и можната вмешаност на Лебедев во случајот.То Вима уште во 2019 година напиша дека компанијата Балкан јутилитис е активна во секторот за природен гас и во Македонија“ – пишува македонскиот портал.

Инаку, Балкан јутилитис е регистрирана во 2003 година под дејноста „трговија со електроенергија, финансирање, инвестициско проектирање и експлоатација во сферата на енергетиката“ а годинава, на 15 септември бугарската компанија добива 10-годишна лиценца за „трговија со природен гас“.

Според официјалните податоци на бугарската регулаторна комисија, оваа компанија во последните три години се соочувала и со финансиски слаби резултати во својата работа.

„Од презентираните годишни финансиски извештаи на Балкан јутилитис АД за 2019, 2020 и 2021 година претпријатието известува за загуба од 98.012 евра за 2019 година, добивка од 118.432 евра во 2020 година и загуба од 33.691 евра за 2021 година. Вкупните приходи се намалуваат од 127.110 евра за 2019 година на 53.600 евра за 2021 година. Вкупните расходи на компанијата се намалуваат од 225.123 евра за 2019 година на 87.292 за 2021 година“, се вели во решението на бугарската Регулаторна комисија.

Во текстот за сопственичката и управувачка структура на компанијата која ја доби довербата на ЕСМ за снабдување на државата со гас, понатаму се наведува:

„Управител и сопственик на фирмата е Тони Стефанов Баев, а во 2017-та, во управувачката структура на фирмата влегуваат и Максим Жеков Димов и Савас Агапио (Грција). Името на Агапио е поврзано со неколку компании на Лебедев. На адресата на која е пријавено седиштето на Балкан јутилитис (бул. „Џејмс Баучер“ 103, кат 1, населба Лозенец, Софија) регистрирани се 204 фирми.

Името на Тони Стефанов Баев во напис објавен во мај 2017-та година се поврзува со името на рускиот тајкун Александер Лебедев кој преку компанија од Луксембург се обидува да управува со гасоводот, односно продуктоводот и ЛНГ терминал во регионот. Баев е спомнат како дел од структурата на фирмата поврзана со рускиот тајкун.

За Балкан јутилтис, Баев и фирмата добиваат решение во кое е наведено и TE-TO Скопје, но и фирма од Кипар како поврзана и со TE-TO и со Балкан јутилитиес.

„Компанијата е поврзана со компании кои имаат значително искуство во  областа на енергија на територијата на Грција, Русија, Македонија. Стратешки партнери во Грција се Јунис енерџи, активна компанија на грчкиот пазар со разни инвестициски и комерцијални активности“.

Баев е и во структурата на фирмата Бета тек со содружник од Турција. Дејност и на оваа фирма е енергетика и продажба на електрична енергија.

Името на  Максим Жеков Димов, заедно со името на Гркот Савас Агапио, се поврзани со уште една фирма на Тони Стефанов Баев.

Максим Жеков Димов бил дел од движењето на Симеон Саксобурготски и пратеник од партијата на бугарските Турци ДПС. Неговото име се поврзува со спорно префрлање на пари од Венецуела и со продажба на оружје во Јемен од бугарските складови.“ – пишува МКД.МК

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Велигденски креативи кои ќе ви помогнат да ја разубавите претстојната трпеза

Дејан Дејан

Екстрадиција на Палевски: Кои се процедурите за испорачување на бегалци

Дејан Дејан

Истражувањето покажа: Американците не им веруваат на медиумите и новинаритe

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе