Вести Култура Македонија

Децата на транзицијата со театарска претстава за македонската транзиција

Генерациите млади театарџии родени пред и за време на транзицијата со претстава за нашата транзиција, низ преиспитување на влијанието на општествено – политичките промени врз животот на македонските граѓани. Претставата „ Чекална“ е работена по инпирација на текстот на германскиот автор Клаус Пол, фокусиран на искажаните искуства на германските граѓани по падот на Берлинскиот ѕид.

„Се инспирирав од транзицијата. Знаев дека можеби ние немаме таков момент во Македонија како падот на Берлинскиот ѕид , но имаме прогласување на независност. И тргнав од таму , тргнавме сите како колектив од таму и го анализиравме овој период во изминативе 30 години. И нормално, темата транзиција и темата чекање во тој процес“ – вели режисерката на претставата, Кристина Димитрова.

Од прогласувањето на независноста, преку конфликтот во 2001, до случајот со Диво насеље, документарната претставата „ Чекална “, се осврнува на повеќе болни прашања од нашата транзициска стварност.

Меѓу нив се приватизацијата, криминалот, партизацијата и непотизмот, поради кои е жртвуван чесниот работник и неговото потомство.

Драматизацијата е колаж од монолози, базирани на собрани автентични сведоштва од жртви на транзицијата или поединци кои сепак успеале да се снајдат во општиот хаос.

Како контрапункт на тегобната атмосфера се избрани носталгични сеќавања од детството во СФРЈ и возењето со „ Југо“.

„Нас не интересираше во целата приказна што ќе ни ја раскаже човекот, емотивната страна. Значи не да истражуваме како сето тоа се случило, зошто се случило сето тоа“ – вели Ева Камчевска, авторка на драматизацијата за претставата.

Во претставата настапуваат шестмина млади, дипломирани актери кои како невработени, можноста да се искажат професионално ја наоѓаат во приватни проекти.

Актерките имаат по две, а актерите по три различни улоги .

„Моите родители дома имаат поминато низ некои слични проблеми, така што тука наидов на некакво поистоветување. Некаде јас пробав да се ставам во таа ситуација преку мојата имагинација и креативност“ – вели актерот Томислав Давидовски.

„Многу е убаво што ова се вистински приказни. Што ние ништо не измислуваме. Да, можеби по желба на самата личност што дала сведоштво сме смениле некои работи за да не биде препознаена, а всушност приказната е таа“ – ни рече актерката Марија Димитрова.

„ Чекална“ е драма која сепак посочува на светлината во транзицискиот тунел. За сценскиот простор, обликуван како стерилна, безживотна чекална , дополнет со видео проекции и театар на сенки, беше задолжен Мартин Манев, дизајнот на светлото е на Игор Митревски, а композитор на музиката е Томе Темелковски. Зад проектот застана здружението „ Атриум“, а продуцент е Дино Чупевски.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 05.05.2024

Дејан Дејан

Им дал 25.000 евра, но наместо торба полна со денари, му дале торба со ливчиња – скопјанец наседнал на измама од двајца странски државјани

Дејан Дејан

(Видео) Повредени 155 полицајци, уапсени 74 навивачи – хаос во Берлин на меч од четврта фудбалска лига

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе