Очекувавме дека ќе има одредено продолжување на кризните мерки, дека ќе треба да се ублажат ударите, изјави Трајан Ангелоски, Претседател на Сојуз на Стопански комори, во вечерашната Топ Тема, на прашањето на укинување на владините мерки за справување со економската криза.
Даночниот експерт, Павле Гацов, изјави дека вчера престанаа да важат три одлуки на владата и тоа првата е за ограничување на трговските маржи, втората е за нула ДДВ за прехранбените производи и третата за намалените стапки кај нафтените деривати , која до вчера беше 10 посто а веќе е 18 посто.
„Покрај тоа што имаме инфлационен притисок, зголемување на цените, имаме и директни фискални причини зошто се случува нагол ценовен скок кој ги изненади граѓаните.“ – изјави Гацов.
Значаен дел од нашето општество, пред се граѓаните кои немаат бизниси, не можат да го истрпат делот во покачувањето на цените, вели Гацов, особено издвојувајќи ги оние кои добиваат социјална помош и пензионерите.
Претседателот на ССК изјави дека тие цената на зголемувањето на цената на нафтата го гледаат на поинаков начин, како притисок и на другите енергенси кои се влезни компоненти на стопанството и тука се очекува дека престојните есен и зима може да бидат прилично проблематични.
„Тука очекуваме брзи реакции. Во однос на цената на електричната енергија се очекуваат скокови. Сега е лето кога се намалува трошењето на елек. енергија по неколку основи, но зимата е секогаш проблематичен временски период. Сега доста компании се свртеа кон обновливи извори на енергија. Тука има сложени бирократски процедури кои може да блокираат одредени институции. Неофицијално, во една од скопските општини има толку барања и веќе се на граница на издржливост. Тука веднаш треба да се реагира со одредени мерки“ – вели Ангелоски.
Извршниот директор на Фајнанс Тинк, Благица Петрески, оцени дека мерки и натаму се потребни за справување со економско-енергетската криза, затоа што таа не ги погодила сите еднакво.
„Граѓаните кои се со помал приход, каде храната и енергенсите учествуваат повисоко во нивниот доход, како и компаниите каде енергенсите имаат поголемо учество како инпут во нивниот краен аутпут секако се повеќе погодени во однос на некои други. Верувам дека мерките натаму треба да бидат насочени токму кон овие ранливи категории. На компании и на граѓани, пред се да се менаџираат ризиците за обезбедување храна и електрична енергија.“ – изјави Петрески.
