Преку хуманитарни коридори, ЕУ ќе се обиде да изнесе дел од пченица блокирана во Украина, преку копнената рута и возовите кон пристаништата на ЕУ, ова беше главен фокус на лидерите на ЕУ на вториот ден од Самитот. Милиони тони жито се блокирани од војната, а Русија одбива да ги отвори пристаништата на Црното море, посебно Одеса. Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен рече дека единствено Русија е одговорна за глобалната криза со храна, бидејќи покрај блокадата, бомбардираат магацини каде што се складира пченицата.
-Русија не само што го блокира извозот на украинската пченица, туку и намерно бомбардира магацини каде што се складира пченицата. Се разбира, знаете, дека тие ги ископуваат и полињата каде Украина би можела да ја има следната жетва на пченка. И сакам да биди многу јасен, немаме санкции за храна и земјоделски производи, нема санкции за тоа, изјави Фон дер Лајен.
Откако лидерите на ЕУ се согласија да намалат околу 90 отсто од целиот увоз на руска нафта во следните шест месеци, почна да расте загриженоста кај нафтените компании.
-Се разбира, ние сме загрижени за нашите работни места, исто така затоа што ако Лукоил си замине, има цел центар кој е меѓусебно поврзан со него, пристаништето и сите меѓусебно поврзани компании. Станува збор за приближно 10.000 вработувања, кои сочинуваат 50% од бруто-домашното производство на оваа покраина, вели Марко Канделаргиу, вработен во Лукоил Сиракуза.
Во меѓувреме Русија најде поволен пазар за своите енергенси и нема да го почувствува финансискиот удар уште некое време, велат економските аналитичари. Тоа се и Индија и Кина, каде Русија ја продава нафтата по 35 долари за барел, иако цената на светските берзи на нафтата Брент се искачи на речиси 120 долари за барел. Сепак според експертите, ќе стане „сè потешко“ за Русија да најде клиенти за својата нафта и може да доведе до „поголеми попусти“ во иднина.
-Сега, во моментов, тоа не е финансиски премногу болно за Русија, бидејќи цените на глобалните пазари се покачени и се многу повисоки од минатата година. Така што дури и Русија да понуди попуст за продажба на својата нафта приближно за она што го продаваше минатата година. Но, за Русија ќе станува сè потешко да најде клиенти за нафтата која што сега ќе почне да ја губи од Европа и веројатно ќе мора да понуди поголеми попусти, рече Крис Вифер, економски аналитичар.
Русија во моментов извезува 27% нафта во ЕУ и 40% гас. ЕУ за возврат и плаќа на Русија околу 400 милијарди евра годишно. Секако дека со шестиот пакет санкции Русија добива значаен удар, но следните недели и месеци ќе покажат дали навистина е погодена од санкциите или не.
Билјана Ставрова
