Крајот на француското претседателство е рокот до кога мора да надмине спорот меѓу Софија и Скопје и да започнат преговорите на Македонија и на Албанија со Европската унија, во спротивно Брисел ризикува криза во односите со регионот. Ова предупредување вечерва стигна лично од високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Жозеп Борел, според кого тоа би значело подарок за Русија.
„Сите сметаме дека одложувањето е неодржливо. Не може да ги повикуваме Албанија и Северна Македонија дека ги исполниле сите услови, да останат да седат и да се поврзуваат, а да не им понудиме јасна перспектива. Оваа ситуација не им штети само на нив, ни штети и на нас. Не чини и нас, и регионот, премногу во поглед на кредибилноста и политичката перспектива. Тоа е подарок за Русија“, рече Борел.
Борел кој изјавата ја даде по завршувањето целодневниот состанок на министри за надворешни работи на членките на ЕУ, на кои им се придружија и нивните колеги од регионот, рече дека многу детално било разговарано по прашањето на односите меѓу Македонија и Бугарија кои, како што рече, го блокирале Брисел, при што било констатирано дека тоа мора да биде надминато.
„Постои силна волја и политичка поветеност од Советот дека мора да се направи пробив за да се избегне кризата, која може да настапи, ако пред крајот на француското претседателство тоа не биде решено. Јас ставам лимит на времето. Ако не се случи за време на француското претседателство, мора да признаам дека ќе има силна криза во нашите односи со земјите од Западниот Балкан. Ќе направиме се што можеме, ќе продолжиме да правиме силен притисок, со цел, двете страни да постигнат договор“, изјави Борел.
Разговорите за интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ министрите на земјите-членки ги водеа во контекст на руската агресија врз Украина, при што било констатирано дека Албанија, Црна Гора и Македонија се земјите од регионот кои се целосно на линија со одлуките на ЕУ кон Русија, поради што трпат штета и закани.
Како одговор на тоа, министрите денеска се согласиле дека на регинот ќе му биде потребна макрофинансиска помош да се справи со кризата, поради што тој ќе биде вклучен во сите планови на Унијата за обнова и финасиска помош, но и одлуки кои ќе ги носат поврзани со електричната енергија, енергенсите, храната. Но како што рече Борел, детали не се догивирени.
Но освен пораки за интеграција и помош, Европската унија денеска упати и многу јасна порака до земјите партнери дека оние нема да застанат на линија со надворшената политика и санкциите на Унијата кон Русија и кои ќе одржуваат блиски врски со Путин немаат ништо заедничко со градење иднина во Европската унија. Борел притоа порача дека денес неутралност повеќе не е можна.
Тамара Грнчароска
