Манчестер Јунајтед потврди дека од следната сезона на чело на екипата ќе биде сегашниот тренер на Ајакс, Ерик Тен Хаг.
По пет години на клупата на тимот од Амстердам, Тен Хаг се сели на Олд Трафорд. Педесет и две годишниот тренер со Манчестер Јунајтед потпиша договор на три години со опција да ја продолжи соработката на уште една сезона.
“Голема чест е да се работи во Манчестер Јунајтед и едвај чекам да почнам со новиот предизвик во кариерата. Позната ми е историјата на клубот и затоа имам за цел да формирам екипа каква заслужуваат навивачите”, изјави идниот предводник на екипата.
Тен Хаг е петтиот менаџер на Манчестер Јунајтед во последниве девет години откако од функцијата си замина легендата Алекс Фергусон.
Идниот менаџер на Манчестер Јунајтед како играч настапувал за Твенте, Де Графшап, Валвијк и Утрехт, а тренерската кариера ја почнува во Го Ахед, а потоа две сезони работи со вториот тим на Баерн.
Од 2015-тата го презема Утрехот, а две сезони подоцна седна на клупата на Ајакс со кој освои две шампионски титули и два пати се радуваше на трофејот во Купот на Холандија.
