Земјоделците од Југоистокот се во паника дека пролетната зелка може да остане во нивите. Градинарите стравуваат дека војната во Украина ќе го остави производството непродадено, особено што треба да стаса набрзо и има малку време за делување и барање алтернативи. Драги Памуков е претседател на земјоделската задруга Вегефреш. Вели дека деновиве постојано се во преговори што да се преземе за да се спаси реколтата.
Памуков вели дека ова е проблем што ќе ги засегне не само градинарите, туку ќе го почувствуваат сите производители на храна во државата. Според него, голема е загриженоста и кај производителите на праски. Вели дека за ситуацијата ќе мора да помогне и државата.
Освен што најголемите пазари за пласман на струмичкиот зеленчук се затворени, проблем се и репроматеријалите. Особено азотните ѓубриња кои се набавуваа од руско-украинскиот пазар. Според тоа, проблемите на земјоделците се и со вториот производствен турнус.
Сузана Мицева
