По само неколку часа од признавањето на независноста на про-руските украински области Доњецк и Луганск, Путин нареди влез на војската во овој источен дел од Украина. Според рускиот претседател, трупите само ќе изведуваат мировни функции, што за Америка е бесмислица.
Не е јасно дали движењата на руските трупи го означија почетокот на инвазијата на Украина за која западните лидери предупредуваат со недели. Но, според аналитичарите, одлуките на Путин го цртаат патот за почеток на поголема воена операција. Жестока беше расправата на вонредниот Совет за безбедност на ОН. За Америка, најновиот потег на Путин е обид да се најде изговор за натамошна инвазија.
„Ова е напад врз украинскиот статус како членка на ОН. Ги нарушува основните принципи на меѓународно право и и пркоси на нашата Повелба. Дополнително, овој потег на претседателот Путин е јасна база за рускииот обид да создаде изговор за натамошна инвазија врз Украина“ – рече Линда Томас Гринфилд, амбасадор на САД во ОН.
Путин го тестира меѓународниот систем, и гледа до каде може не притиска, смета САД. Се надоврза Украина. Ја повикаа Русија да разбере дека го нарушува територијалниот интегритет, а нејзините агресивни постапки ги изедначи со вирус.
„Согласно член 51 од повелбата, Украина има право на индивидуална и колективна самоодбрана. Ние сме посветени на мирен и дипломатски пат и ќе останеме цврсто на него. Ние сме на нашата земја. Не се плашиме од што било и од кој било. На ОН им се гади, тоа е факт. Го погоди вирус кој го шири Кремљ. Дали ќе подлегне на овој вирус?“ – изјави Сегерј Кислитсија, амбасадор на Украина во ОН.
Рускиот амбасадор ги обвини САД и западните сојузници дека ја поттикнуваат Украина на вооружена провокација.
„За жал, принудени сме да ја забележиме крајно негативната улога во сето ова од страна на нашите западни колеги, предводени од САД, наместо да го принудат Киев да ги спроведе своите обврски, тие само отворено ја напаѓаат Украина, повторувајќи ја бесмислената мантра дека обврските од договорот од Минск, Русија не ги спроведува“ – истакна амбасадорот на Русија во ОН, Василиј Небензја.
Бајден веќе знае дека нема шанси за некаков самит со Путин за кој претходно се согласи. Забрани инвестиции и финансирања од американските бизниси во отцепените региони од Украина. И ЕУ попладнево ќе ги соопшти санкциите, но ситуацијата на светските берзи веќе врие. Падна вредноста на руските акции, а цената на нафтата расте.
Одлуката на Путин ја искомплицира ситуацијата. Стратешката игра сега ќе се води на друг начин кој најавува почеток на долгогодишна криза на истокот од Украина.
Алиса Шутиноска
