Босна и Херцеговина и Украина ќе бидат најзастапените теми на денешниот министерски совет за надворешни работи на ЕУ. Високиот претставник за надворешна политика и бебзедност на ЕУ, Јосеп Борел, пред почетокот на состанокот порача дека Босна и Херцеговина ќе биде една од најважните теми за министрите за надворешни работи на ЕУ денеска.
Босна и Херцеговина ќе одземе голем дел од состанокот затоа што националистичката и сепаратистичката реторика расте и го загрозува интегритетот на земјата, министрите треба да донесат одлука како да спречат да се распадне земјата, ситуацијата е критична, изјави Борел утрово за новинарите.
Министрите очекувано ќе зборуваат и за конфликтот помеѓу Русија и Украина.
Лидерите на САД и Русија го прифатија предлогот на францускиот претседател, Емануел Макрон за средба, и Европската Унија и натаму вели дека вложува во дипломатско решение на оваа криза.
Јосеп Борел потврди дека санкциите против Русија се подготвени и можат да бидат активирани доколку биде потребно. За тоа би се свикал вонреден министерски состанок, рече тој.
По мој предлог санкциите ќе бидат подготвените кога ќе дојде моментот, но работиме тој момент да не дојде, изјави шефот на ЕУ дипломатијата.
Зголемениот број на прекршувања на примирјето во источна Украина е предмет на особена загриженост, поради стравувањата дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да ги искористи борбите меѓу проруските сепаратисти и украинските владини трупи како изговор за напад врз Украина.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба треба да присуствува на заедничкиот појадок со неговите колеги од ЕУ.
