35-годишниот левичар Габриел Борич победи на претседателските избори во Чиле со што стана најмладиот лидер во историјата на оваа јужноамериканска држава. Иако се најавуваше неизвесна изборна трка, поранешниот лидер на масовните студентски протести на крајот освои над 10% повеќе гласови од ривалот од крајната десница Антонио Каст.
Во својот победнички говор, Борич најави зајакнување на социјалната држава и лимитирање на неолибералниот економски модел кој предизвикува длабока економска нееднаквост во државата.
Иако важи за една од најстабилните економии во Јужна Америка, според Обединетите Нации , Чиле е и меѓу земјите во светот со најдрастичните разлики во приходите, при што само 1% од населението во државата поседува повеќе од 25 % од богатството на земјата.
Борбата против привилегиите на малиот број милијардери и мултимилионери, корупцијата и против климатските промени ќе бидат во фокусот на мојот мандат, вети Борич, чиј татко е со хрватско потекло.
Климатските промени, драги сограѓани, не е измислица. Таа е тука и има директни ефекти на нашите животи и на животите на идните генерации. Не е случајно дека токму младите луѓе во светот се тие кои го креваат гласот, од Грета (Тунберг) до Хулиета (Мартинез), овде во Чиле, Хулиета, против ирационалните сили кои продолжуваат да ги уништуваат, да го уништиме светот значи да се уништиме себеси, не ни требаат повеќе области каде ќе се жртвуваме и проекти кои го уништуваат нашето Чиле, изјави Борич.
Победата на Борич беше прославена масовно на улиците на градовите во Чиле, десетици илјади жители на Сантјаго го преполнија плоштадот каде им се обрати младиот лидер. Граѓаните со голема надеж очекуваат подобар живот.
Многу сум среќна, имам надеж. Мислам дека ќе има многу различен начин на владеење, ќе создаде многу добра воља, ќе биде фантастично затоа што тој ќе ги донесе промените кои ни требаат, изјави Франциска, граѓанка на Чиле.
Победата на Борич го продолжува трендот на враќање на левичарските партии и движења на власт во централна и јужна Америка, на бранот на незадоволство од растечката сиромаштија потенцирана со пандемијата Ковид-19. Традиционалната јужноамериканска левица, базирана на моќта на синдикатите и социјалистичките партии е основата на која младите луѓе на континентот ја надополнуваат својата идеологија со зелената, еколошка агенда и феминистичките движења. Наредната година на ред се и изборите во најбројната јужноамериканска држава – Бразил, каде сојузникот на Трамп и ковид скептик, Жаир Болсонаро ќе се соочи со поранешниот претседател на државата, Лула да Силва.
Никола Илиевски
