Македонија Најважни

Прегреан кабел причина за пожарот во тетовската болница?!

Прегреан кабел на дефибрилатор е причината за пожарот во модуларната болница во Тетово. Прегревањето предизвикало палење во приклучната кутија од продолжниот кабел, на кој биле вклучени и полнач за мобилен телефон и уште еден апарат. Ова го покажува форензичкиот извештај  на одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР, што е доставен до Основното јавно обвинителство во Тетово.

Со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. По воочена појава на пламен, присутниот медицински персонал презел обид за гаснење, но настанало бурно ширење на пожарот по целиот објект, простирајќи се по кровните панели кон ниските предели на панелните ѕидови и болничкиот инвентар, стои во извештајот на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР.

Пожарот се проширил по целиот објект за многу краток временски период и затоа што огнот предизвикал оштетување на централниот довод за кислородна поддршка, на кој биле приклучени сите хоспитализирани пациенти. Дополнително и самиот воздух бил заситен со  зголемено процентуалното присуство на кислород во целиот болнички простор.

Форензичарите утврдиле и пропуст поради кој огнот се ширел со голема брзина, а тоа е дека, во поткровниот простор на објектот не постојат прегради помеѓу модулите/просториите и кон ходникот, што би го успориле пренесувањето на огнот.

Од Јавното обвинителство посочуваат дека ова вештачење е само еден од досега обезбедените докази и најавуваат дека се очекуваат и извештаите и податоците  за кои имаат издадено наредби и насоки и до други надлежни институции, како и вештачењето кое треба да пристигне од експертскиот тим од Германија.

Премиерот не одговори на прашањето како ќе постапи сега, затоа што тврди дека не го видел извештајот.

Навистина првпат слушам дека извештајот е објавен, веројатно веќе сме биле на прес-конферeнција кога тоа е објавено. Дозволете да го прочитам извештајот, да го видам со сѐ што е објавено, за да можам да ги дадам своите реакции и веднаш во текот на денот или најдоцна утре ќе дадам свој коментар за ова, изјави Заев.

Од Обвинителството велат дека и натаму постапуваат по предметот и  преземаат и други дејствија за целосно расчистување на настанот. Јавнообвинителска одлука ќе биде донесена откако ќе се приберат сите вербални и материјални докази за пожарот  во кој животот го загубија 14 лица.

Далиборка Дамјанска Цветановска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

Откриен еден од осомничените за тешка кражба на сеф во Скопје

Дејан Дејан

ДКСК повторно ќе постапува по приговорот на Силјановска-Давкова за кршење на изборните правила

Дејан Дејан

Продолжуваат кампањите за претседателските и парламентарните избори

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе