Ковид19 Македонија Најважни

Скопските средни училишта бараат прецизирање на протоколите за настава со физичко присуство

Маска на уста, температура пониска од 37,4 степени, дезинфекција на раце, без поздравување и меѓусебно споделување на моливи, гуми, книги, во спортска сала и библиотека истовремено присуство на деца од само една паралелка, а во тоалет ќе се оди само за време на наставните часови организирано со помал број на ученици. Ова го содржи протоколот на кој ќе мора да се придржуваат учениците и наставниот кадар во средните и основните училишта кога за четири дена треба новата учебна година да ја стартуваат со физичко присуство во училиштата.

Во протоколите нејасно е како ќе се организираат паузите меѓу часовите, дали сите паралелки ќе го користат големиот одморот истовремено, каде наствниот кадар да престојува за да ја испочитува препораката да се избегнува подолго задржување во наставничката канцеларија, но и како на пример во декември или јануари, да се применува препораката за држење на отворени прозорци во просториите ако го дозволуваат тоа временските услови.

Според информациите на Телма во средните училишта има наставен кадар кој и покрај вакцинациијата е заболен од коронавирусот, но и оти поголем дел од средните училишта во Скопје веќе побарале средба со министерството за образование за да се прецизира спроведувањето на протоколите кои веќе излегоа во „Службен весник“.

Дека има заболен наставен кадар пред старот на учебната година ни потврди директорот на скопското средно училиште Орце Николов, Митко Димовски, кој информираше дека, според протоколите, ќе се бара нивна замена, додека тие не се вратат на работа. Тој ни потврди и дека средбата со МОН за протоколите за физичко присуство треба да се случи в понеделник или в вторник.

„Имаме средба со Министерството односно со министерката за да утврдиме малку попрецизно, не само за протоколите, туку и за начинот на одвивањето на наставата. Значи дали тоа физичко присуство ќе биде во полна училница со 30-на ученици или пак ќе постои некој хибриден модел каде што ќе се менуваат дел со он-лајн, дел со физичко присуство. Се уште не е точно прецизирано“, вели за Телма Митко Димовски, директор на скопската гимназија „Орце Николов“.

Димовски се надева дека до среда кога стартува учебната година ќе се  прецизираат работите и ќе се најде решение тоа да се надмине, бидејќи како што вели, бројките на новозаболени во четвртиот бран се високи.

„Тоа би повлекло дека доколку се почне… сите ние сме за физичко присуство, меѓутоа што ќе се случи доколку некој ученик, некој професор кој што предава во класот е со симптоми на Ковид? дали тогаш ќе бидат во изолација цели класови? Така што, сакале или несакале, тогаш би биле принудени да одиме со некаков хибриден модел или со он-лајн настава“, вели Димовски.

Димовски не можеше да потврди дали на средбата од МОН ќе се бара одложување на стартот на учебната година, но на став е дека ако четвтиот бран не стивне, тоа би било подобра опција отколку да се загрози здравјето на наставниците и учениците.

Во училиштетот на кое тој е директор, „Ореце Николов“, околу 90 проценти од вработените, како што информираше, или го прележале вирусот или се вакцинирани.

Истовремено од Министерството за образование не добивме прецизен одговор на тоа колкав процент од наставниот кадар е вакциниран, во основните училишта, во средните училишта, кој е процентот на вакцинирани наставници по градови, дали ќе побара од здравствените власти посебни протоколи за невакцинираниот наставен кадар како на пример нивно тестирања, но и дали се размислува за одложување на стартот на учебната година со физичко присуство по примерот на Тетово и Гостивар.

Одговорот кој оттаму го добивме беше генерален.

„Според последните податоци со кои располага МОН, степенот на вакцинација на наставниот и другиот помошно-технички кадар е на високо ниво и изнесува околу 70% од вкупниот број на вработени во учулиштата, и е два пати повеќе од националниот просек на вакцинација. Има општини и училишта каде процентот на вакцинација на вработените во училиштата е над 90%, што укажува на нивната висока свест и одговорност за заштита на јавното здравје“, стои во одговорот на МОН до Телма.

Засега останува одлуката на 1 септември со физичко присуство да започне учебната година во сите училишта во земјава, освен за средните училишта во Тетово и во Гостивар каде првите две недели наставата ќе се одржуваат он-лајн. Тетовските градски власти поради лошата епидемиолошка слика во градот бараат и невакцинраните наставници да приложуваат на 72 часа негативен ПЦР тест за да влезат во училиштата, на што од министерството за здравство добија одговор дека ваквото барање ќе им биде разгледано.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

Кривична пријава за градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш

Дејан Дејан

Пендаровски: Најмалку тројца владици во Синодот на МПЦ под руско влијание, но немаме докази дека се шпиони на руската федерална служба

Дејан Дејан

Пендаровски: Го вратив законот за игри на среќа, ЕУ децидно ми кажа – „нема ниту една европска директива за која го врзувате, европското знаме е злоупотребено“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе