Култура

Обновени спомен-плочките на лауреатите во Паркот на поезијата, со додадени кјуар-кодови

Во Паркот на поезијата во Струга обновени се педесетина спомен-плочи од сите досегашни лауреати на „Струшките вечери на поезијата“.

Во рамки на јубилејното издание досегашните бронзени плочки, кои, за жал, беа честа мета на кражби и вандалство, се заменети со плочки од композитен материјал со метален слој.

На плочките се отпечатени имињата на лауреатите, заедно со земјата на нивното потекло и се отпечатени кјуар-кодови кои при скенирање со мобилен телефон ги водат корисниците до специјално создадени линкови на веб-страницата на „Струшките вечери на поезијата“, на конкретниот лауреат каде што може да се погледне неговата биографија и неговата поезија.

– Во годините кога Струшките вечери одбележуваат 60-годишен јубилеј, со овој чекор сакавме да го вратиме Паркот на поезијата во фокусот на јавноста, да ја потенцираме неговата вредност и уникатност, како и да ги искористиме современите технологии што секојдневно ги употребуваме за да ја промовираме поезијата и добитниците на „Златниот венец“. Ова е само почеток на еден посеопфатен план за внесување нови содржини во Паркот на поезијата што ќе го направат атрактивно место во кое поезијата ќе ја има главната улога – вели директорот на „Струшките вечери на поезијата“, Тодорче Тасевски.

Годинешната манифестација се одржува под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“ со кое се потенцира значењето на Паркот на поезијата и симболиката на засадување дрво од страна на лауретите секоја година, како чин со кој се одбележува растежот на фестивалот.

– Секоја година, лауреатот на Струшките вечери на поезијата засадува нова млада фиданка во Паркот на поезијата како жив споменик и залог за иднината. Секоја година стеблата нараснуваат за уште еден година, уште еден круг. Нивните разлистени крошни се извишуваат кон бесконечноста и прават свод што Паркот го престорува во Храм на поезијата. Среде имињата на лауреатите, низ шумолењето на лисјата можеме да ги чуеме нивните возвишени стихови. Почетокот е пред 60 години, продложетокот е некаде во вечноста – стои во мототот на фестивалот.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Дошол на работа во понеделник, а веќе од вторник е на одмор

Дејан Дејан

Праизведба на претстава за семејното насилство на „Скопско лето“

Дејан Дејан

Дони Мекаслин: Се обидувам да ги најдам местата на неочекуваната креативност

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе