Вчера по втор пат отворен за политичарите од власта, а веќе денеска на обновениот Албански театар и на неговата ограда, осамнаа плакати, со кои на челниците од владеачката ДУИ им се забранува влез во театарот. Плакатите ги закачија опозиционерите од Алтернатива и Алијанса за Албанците, со порака дека ДУИ се уништувачи на албанската култура и виновни за доцнењето на обновата на театарот, за која беа потрошени повеќе од 10 од предвидените 8 милиони евра.
Тие се виновни за злоупотребите на парите на граѓаните. За тоа што ги оставија уметниците без работа и љубителите на уметноста без претстави. Тие исто така имаат голема национална вина за уништувањето на албанската култура, со секоја нивна постапка и одлука. Вие господа уништувачи на албанската култура треба да дадете отчет и да одговарате. За вас нема место на седиштата во театарот, туку на клупите за обвинетите, изјави Фатих Ќаили од Алтернатива и Алијанса за Албанците.
Од Алтернатива и Алијанса рекоа и дека не присуствувале на отворањето на обновениот Албански театар зашто не биле поканети. А, директорот на театарот Карага со одговор дека со лаги не се прави култура и дека театарот комуницирал со албанските партии од опозицијата за да присуствуваат на свеченоста.
Албанскиот театар директно комуницираше со Африм Гаши од Алтернатива и посредно со Зијадин Села од Алијанса за Албанците. Им беа испратени покани, но тие не дојдоа, иако Африм Гаши потврди дека ќе присуствува. За комуникацијата постои и евиденција, изјави директорот на Албанскиот театар Адем Карага.
Обновата на Албанскиот театар започна во 2014, со одлука на владата на Никола Груевски. Идејниот проект беше на „ Мегарон –Инженеринг“ од Скопје . Беше избрана италијанска фирма „ Ламоне Мореда“, но по една година таа банкротира. Како што тогаш информираа албанските медиуми, таа повлекла 20 % од вкупно планираниот буџет, без да сработи било што. По неа дојде градежната фирма „ Шенција“ , исто така од Италија. Со неа Албанскиот театар потпиша анекс договор од 200 илјади евра, без тендер, а потоа и нов договор во 2016, од околу 900 илјади евра. Така, сумата скокна на 9, 1 милиони евра. Во 2019, Владата додели уште еден милион евра за довршување на реконструкцијата. Во ноември истата година без присуство на медиуми театарот беше отворен, а лани в.д. директор Илбер Муртези се пожали дека кровот протекува повеќе од колку пред обновата. За реконструкцијата на објектот предистрага започна СЈО, а анализа со нотирани нерегуларности спроведе и комисија при Министерството за култура, на чело со Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешнал“.
По вчерашното протоколарно отворање на обновениот Албански театар за политичарите, вечерва настанот е за директорите на културните установи, а утре вечер на ред е публиката.
Сотир Трајков