Македонија

Во нов нон-пејпер – Пет членки на ЕУ бараат поголема поддршка за Западен Балкан

Четири земји од „Вишеградската група“ – Унгарија, Полска, Чешка и Словачка, како и Австрија, испратиле нов нон-пејпер до раководството на Европската унија, што се однесува на Западен Балкан.

Повикувајќи се на дипломатски извори, сараевскиот портал Кликс објави дека документот не се занимава со прашањето на границите, но бара од Европската унија поголема поддршка за целиот Западен Балкан.

Министрите за надворешни работи на тие земји исто така бараат земјите и граѓаните на Западен Балкан да бидат вклучени во официјалните разговори за иднината на Европската унија, бидејќи, според нив, тие имаат право и треба да имаат можност да ги искажат своите ставови за иднината на Европската унија.

„Многу прецизно е наведено дека Западен Балкан треба да биде дел од иницијативата на Конференцијата за иднината на ЕУ, која беше започната во рамките на овој блок“, се вели во текстот, јави БЕТА.

Министерката за надворешни работи на БиХ, Бисера Турковиќ, ја потврди информацијата за нон-пејперот за локални медиуми, додавајќи дека е запозната со содржината што ја смета за исклучително важна и дека треба да се поздрави.

„Ние сме официјално запознати и среќна сум со ваквиот пристап. Босна и Херцеговина, како и другите земји во регионот, имаат јасна перспектива за членство“, нагласи Турковиќ.

Таа додаде дека „БиХ во суштина отсекогаш била дел од Европа“, и сега е „во процес на постигнување напредни европски стандарди во функционирањето и зајакнувањето на државата“.

„Желбата на овие пет земји (Вишеградска група и Австрија) да вклучат земји кои ќе станат членки во разговорите за иднината на ЕУ е важен сигнал дека нема да останеме да чекаме премногу долго за напредок кон членството. Истовремено, тоа е добро за ЕУ која без стабилен и европски Западен Балкан не е целосна“.

Иницијативата на групата држави, како што е најавено, треба да биде испратена до раководството на Европската унија, вклучително и Европската комисија и комесарот за проширување, Оливер Вархеји.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Изборниот законик доби дополнителен грејс период да биде донесен

Tea Dimkovska

Пожари беснеат во Штип и Пробиштип – се гасне и од земја и од воздух

Tea Dimkovska

ДУИ: Назначувањето на Стоиљковиќ е закана за Охридскиот рамковен договор

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе