Македонија Топ вести

Нова порака од Софија за македонско-бугарскиот спор

Португалскиот предлог за надминување на блокадата од страна на Бугарија за старт на преговорите за Македонија со ЕУ ја загреа атмосферата на релација Скопје – Софија преку Брисел. Откако бугарскиот претседател Румен Радев вчера во Брисел седна на маса со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и со португалскиот премиер Антонио Коста, да разговара за преговарачката рамка за земјава, денеска од Софија нова порака испорачана од шефот на бугарската дипломатија дека мониторинг од страна на ЕУ би претставувало гаранција за Бугарија дека билатералните договори со Македонија ќе бидат имплементирани.

„Втората патека на која се работи е враќање на темата во рамките на нормалните европски формати, каде што би требало да се дискутираат овие прашања треба да се дискутираат меѓу земјите-членки на Европската унија и каде на Бугарија да и се дадат гаранции дека тоа што е билатерално договорено ќе се спроведува во иднина. Овој мониторинг кој би требало да го има од страна на ЕУ е гаранција дека билатералните договори што се потпишани и кои евентуално би биле потпишани ќе бидат имплементирани“, изјави министерот за надворешни работи Светлан Стоев.

Само три дена по посетата на шефот на португалската дипломатија и еврокомесарот за проширување на Бугарија и на Македонија иако Софија во секоја прилика го повторува ставот дека нејзината политика кон земјава останува конзистентна, фокусот во изјавите се повеќе се става на можноста за продлабочување и рестартирање на дијалогот со земјава.

Дека дијалог ќе се води покажува и заедничкото патување во Рим на двајцата претседатели Радев и Стево Пендаровски за да се поклонат на гробот на Св. Кирил во чест на 24 мај. Неизвесно е дали шефот на макеоднската држава Пендаровски ќе го убеди својот бугарски колега дека иако патот на Македонија оди преку Софија, како што изјави тој, на тој пат рампите треба да бидат кренати.

И шефот на македонската диплоамтија, Бујар Османи, го дели ставот на Радев дека  патот на земјава поминува низ Софија, но и со порака до Бугарија  мора да ја „грабне“ оваа шанса ако сака стабилен Балкан.

„Имам чувство дека регионот доаѓа до критичка точка, кога се губи довербата дека ќе се зачлени во Европската Унија. Во моментот кога ќе се постигне оваа точка, верувајте дека ќе биде проблем, ќе се отвораат многу теми кои се затворени за европската перспектива, уште од 2003 кога во Солун се носи одлука дека еден ден Балканот ќе се зачлени во ЕУ, тоа стана силно движење за регионот. Затоа  Бугарија Затоа  Бугарија мора да ја „грабне“ оваа шанса ако сака стабилен Балкан“, изјави Османи за ТВ 21.

Но освен политичарите во дебата се вклучија и историчарите кои иако требаше неоптоварени од политиката да ги расчистуваат историските несогласувања меѓу двете земји, потврдуваат дека тоа не оди така лесно.

Откако првиот на македонскиот тим во заедничката историска комисија, Драѓи Ѓоргиев изјави дека политиката влијаела врз работата на неговите бугарски колеги:

„Според вас политичките случувања во Бугарија се одразуваат ли на работата на вашите колеги Бугари во комисијата?“ праша македонскиот копретседавач на Комисијата Драги Ѓоргиев.

На што експресно возврати шефот на бугарскиот тим Ангел Димитров дека дека македонската страна ја прекинала работата на Комисијата пред изборите минатата година.

„Изгубивме скоро една година. Ако бидам подиректен, ќе кажам дека тие загубија три години поради својата неподготвеност да ја прифатат формулацијата, дури и оние формулации во Договорот за пријателство и добрососедство“, рече Димитров.

Димитров притоа изјави дека бугарсите историчари имале целосно разидување во ставовите со макеоднските колеги и ја губел довербата во нивната професионалност.  

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Поништен е тендерот за прскање против комарци во Скопје, прескокнат е терминот за прскање за ларви, а комарците веќе се намножија

Дејан Дејан

Неоправдано и без основа е зголемувањето на цените на автомобилското осигурување, одлучи АСО

Дејан Дејан

Директорката на Токсикологија со преведувачка пред инспектори, се уште доаѓаат на работа и лекуваат и оние 11 кои не се вработени

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе