Македонија Топ вести

Повлекување на зборовите од толковниот речник – цензура или “помало зло”?

Не поминаа ни два дена по свечената промоција на електронското издание на Толковниот речник на македонскиот јазик и веќе истото се соочува со бришење и изоставување на одредени т.н проблематични зборови.

За голем број лингвисти и писатели  ваквиот чекор е еден вид цензура, последица на незнаење што значи тоа Толковен речник и пејоратив.

За професорот Људмил Спасов кој е консултант за Толковниот речник и промотор на повеќето печатени томови,  Владата не е таа што може да биде цензор на материјалот.

“Повлекувањето е сепак одлука на редакцијата, значи може да се повлечат не е тоа цензура. Едноставно степенот на културата, на нашата заедница е до тука и ако веќе некого го навредува до тој степен ќе се повлече, не значи дека ќе се уништи во јазикот. Не верувам дека некој ќе престане да ги употребува тие зборови и пцовките и овие другите зборови” – вели професор др Људмил Спасов.

Веднаш по реакцијата на Здружението за унапредување на правата на Ромите „Аваја“ до Владата, зборовите циганчи, циганштија и други беа отстранети. За директорката на  Институтот за македонски јазик ваквиот потег било „помало зло“ како што вели таа.

“Некој политички лидер, претставник на една заедница  на плеќите на еден речник, на авторитетот на еден речник, сака да си направи своја политичка кариера и повикуваше на бунтови, револуции, на сите Роми од Европа итн. Ако РСМ е единствената земја во светот во која Ромите се влезени во Уставот рековме дека во знак на добра волја на редакцијата ќе го тргнеме еве зборот што им пречи, иако тоа реално се коси со правилата кои постојат во еден лексикографски труд” – смета професор др Елена Јованова Грујовска.

Доколку редакцијата се согласила за повлекувањето на одредени зборови зошто не биле консултирани и авторите на Толковниот речник, реагира Јачева – Улчар, која забележала ден по промоцијата дека е отстренета речничката одредница на која таа е автор.

“Автор сум на речничката одредница Циган која е поместена во делот за географски и други имиња. И таму е напишано дека Циган е погрден назив за Роми, потоа ги давам формите за женски и машки род односно Циганка и Циганче и придавката форма цигански и потоа упатувам на види Ром” – вели професор др Елка Јачева –Улчар, од институтот за македонски јазик.

Во меѓувреме се повлечени и други зборови за кои имаше реакции во јавноста и во медиумите.

Решението на ваквиот проблем за лингвистите е сите оние кои критикуваат да ги отворат туѓите речници и да видат како таму се дефинирани погрдните зборови и пејоративите.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

Откажани летовите од Виена до Скопје и обратно поради штрајк на вработените во „Аустријан ерлајнс“

Дејан Дејан

Дали воведувањето на глобалниот данок од 15 отсто ќе ги испразни ТИРЗ зоните во земјава?

Дејан Дејан

Во Агенцијата за вработување чекаат работа над 600 магистри и дваесет доктори на науки

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе