Антикорупциската комисија до Обвинителството за гонење организиран криминал испрати иницијатива за кривично гонење за случајот со најавената изградба на висококатниците спроти Холидеј Ин.
Иницијативата се однесува за поранешните градоначалници на општина Центар, службени лица од општината, министерството за транспорт и врски, град Скопје и овластени планери поради сомневање за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, кои со своето непостапување придонеле во 2012 година да се донесе ДУП, неусогласен со ГУП и со тоа да се реализира имотна корист кај сегашните сопственици на парцелата која е дел од ДУП Цо8, вели за Телма Билјана Ивановска од ДКСК.
Иако имињата не се споменати станува збор за поранешните градоначалници, Тодоровиќ и Жерновски и Министерството за транспорт и врски.
Ниту сум ја злоупотребил службената положба и овластување, ниту сум издал какво било одобрение за градба „Голем ринг“ и парцелата кај „Холидеј Ин“. Напротив, сум имал бројни средби со граѓаните на Ново Маало на кои сум им укажувал да не потпишуваат договори со никакви инвеститори, затоа што планот ќе се менува и да внимаваат, бидејќи нема да издавам никакви одобренија за градење на тој простор, вели за Телма, поранешниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски.
Дополнително, антикорупционерите велат дека во наредниот период ќе постапуваат и по нови предмети што се однесуваат на ДУП Бунјаковец што го уредува просторот кај некогашната фабрука Треска, потоа кај ДУП за Расадник, ДУП за општина Карпош и градска четвртт 303 како и ДУПОТ за локацијата кај Мајчин дом во Аеродром.