Ковид19 Македонија Најважни

Само 39 проценти од Балканците би примиле вакцина

Kоронавирусот е вештачки создаден од страна на Кинеската влада, или американската влада, или пак милијардерот Бил Гејтс, кој преку вакцинацијата сака да го чипува целокупното население. Ова се само дела од теориите на заговор, кои во една или друга форма, повеќе или помалку, се проширија низ светот заедно со пандемијата на Ковид-19. Но на Балканот нивното присуство е на едно тотално повисоко ниво, ако се суди според резултатите од истражувањето на Експертската група Балкан за Европа и Европскиот фонд за Балкан. Според нивното истражување повеќе од една третина од целокупното население во регионот верува во една или повеќе теории на заговор, поврзани со ширењето на коронавирусот. Гледано посебно за секоја земја, секако овие броеви варираат, па така од една третина до половина од населението во земјите се убедени во вистинитоста на една или повеќе конспиративни теории, додека речиси 80 проценти се убедени дека има делумна вистина во теориите на заговор. Во ниту една од 6-те земји во регионот, процентот на оние кои воопшто не веруваат во конспиративни теории не надминува 10 проценти.

Интересно е што, врз опстојувањето на теориите на заговор не делува ниту степенот на образование, додека генералната глобална перцепција е дека веројатноста за ширење на теориите на заговор е поголема кај личности со понизок степен на образование, тоа не е случај со регионов. На Балканот теориите на заговор се имуни и на возраста, полот и местото на живеење, односо урбана наспроти рурална средина.

Како илустрација, во Косово 47 проценти од популацијата со високо образование, верува дека фармацевтската индустрија го шири вирусот, споредено со само 22 проценти од граѓаните со основно образование.

Истражувањето исто така открило забележителна разлика во верувањето во конспиративни теории кај Европскептиците, од кои 60,6 проценти веруваат во нив и Еврофилите, каде тој процент изнесува 48,9.

Овие проценти во крајна линија влијаат и врз одлуката за вакцинирање против Ковид-19, кое веќе на големо се планира ширум Европа. Иако значителен дел од популацијата на Стариот континент има резервации за примањето вакцина, најмногу од безбедносни причини поради брзиот развој на истата, сепак минимално мнозинство во европските земји би примиле вакцина. За разлика од европските земји, овој случај е обратен во земјите од Западен Балкан. 53,4 проценти од жителите на регионот рекле дека нема да се вакцинираат, додека само 39,2 проценти ќе се вакцинираат. За споредба, тој сооднос во Германија е 53 за вакцинирање а во Франција 54.

Истражувањето заклучува дека сите фактори создаваат опасна ситуација со која справувањето ќе биде многу комплицирано. Како една од причините се наведува ниското ниво на доверба во државните институции и чувството на ранливост. Поради тоа, едноставното разоткривање на невистинитоста во теориите на заговор, нема да биде доволно за нивно исчезнување.

Игор Трајков

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Полицијата влезе во кампусот на „УКЛА“: Пропалестинските демонстранти остануваат и покрај наредбите да си заминат

Дејан Дејан

ЈСП за велигденските празници ќе сообраќа по неделен возен ред

Дејан Дејан

Велики четврток – почнуваат велигденските празнувања

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе