Вести Најважни

Османи не сака да ги коментира забелешките од Бугарија, од Владата став дека навреди не водат кон пријателство

Шефот на дипломатијата Бујар Османи не знаел за забелешките од Бугарија на преговарачката рамка на ЕК за земјава пред да бидат објавени од медиумите и не смета дека има потреба од реакција до бугарската страна. Османи на бугарските забелешки не гледа како на политичка позиција туку како на недоволна комуникација меѓу двете страни.

„Не мислам дека треба да наметнеме таква негативна динамика на притисоци. Да сметам дека во текот на предизборието и поради ковид имаше одредено забавување, намалување на интензитетот на комуникација, и секогаш кога комуникацијата паѓа се јавуваат недорабирања и се јавуваат различни толкувања. Сега е време да се воспостави добар интензитет на комуникација на политичко ниво, но и помеѓу комисиите“,  вели Бујар Османи, министер за надворешни работи.

Тој е уверен дека забалешките кои ги дала Бугарија нема да го попречат стартот на преговорите со Европската унија до крајот на годинава, бидејќи договорот за тоа меѓу змејите-членки е веќе постигнат во март.

„Коректен е односот на земјите-членки и на претседателството и во смисла дека преговарачката рамка не е платформа каде што се билатерализираат односите помеѓу земјите“, смета Османи.

Освен што не е загрижен за стартот на преговорите Османи не сакаше и да ја коментира содржината на меморандумот од Бугарија, велејќи дека Македонија не е дел од внатрешната коресподенција во ЕУ, а во кој Бугарија бара условување на преговорите со исполнување на Договорот за добрососедство и Македонија да не инсистира на постоење на македонско малцинство во Бугарија. Притоа Бугарија наведува дека  македонската нација и јазик се дело на Тито и дека македонските власти во 40-тите години на минатиот век ликвидирала повеќе од 100.000 Бугари.

Иако Бугарија со забелешките навлегува во идентитетските прашања на македонската нација, што како прашање не е опфатено во Договорот за добрососедство со Бугарија, Османи токму како решение за отворените прашња упатува на Договорот за добрососедство.

„Целта на комисиите и на Договорот не е негативна натпревар, наметнување на нашите наративи еден на друг, туку оттргнување на овој процес од стегите на политиката. Меѓутоа навистина продолжувам да мислам дека политиката и политичарите можат само да пречат во обидот на историчарите и научниците да ги осветлат овие прашња кои се товар во односите меѓу двете држави“, вели Османи.

Иако шефот на дипломатијата се огласи околу бугарскиот меморандум, одделна реакција за документот стигна и од Владата. И отаму се на став Договорот со Бугарија создава правна рамка и дава инструменти за менаџирање на билатералните прашања, но за разлика од Османи Владата навлегува во содржината на меморандумот и посочува дека посебноста на македонскиот јазик и македонски етнички идентитет се неспорен факт. Во реакцијата од Владата дадена за МИА се наведува дека тврдењата и изјавите кои содржат навреди не водат кон пријателство.

Инаку досега немало пракса владата да дава реакции по прашања за кои ресорните министри, во случајов министерот за надворешни работи, само два часа претходно искажале позиција, а која треба да е и позиција на државата.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Шекспир и Сервантес во фокусот на Денот на книгата во Скопје – предавања на евроамбасадорот Гир и шпанскиот амбасадор Гарсија на Филолошки

Дејан Дејан

Врховен во четврток со втора јавна седница по жалбата на Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања

Дејан Дејан

ДИК: Мирен изборен ден, гласаа 94 отсто од болните и изнемоштени лица, до 17 часот и над 50 отсто од пријавените во дијаспората

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе