Вести Свет

Пеколни пожари на американскиот запад, луѓето едвај се евакуираат

Државите во американскиот запад продолжуваат да горат во пеколните пожари, кои и натаму предизвикуваат огромна материјална штета и загуби во човечки животи, додека десетици илјади луѓе се присилени да ги евакуираат своите домови.

Силните ветришта кои се движат со брзина до 120 километри до час раширија повеќе десетици катастрофални шумски пожари во голем дел од државите Вашингтон и Орегон, кои вообичаено не се соочуваат со огнени стихии, заради влажните и постудени климатски услови.

Пожарникарите со надчовечки напори се обидуваат да ги ограничат и држат под контрола пожарите кои се шират толку бргу што ги принудуваат властите на жителите на некои места да им даваат само минути за евакуација на своите домови.

Ќе гледаме и продолжиме да гледаме многу уништување и загуба на животи. Сега сме во операција за спасување животи. Тоа значи дека нашиот единствен фокус е животот и безбедноста, да ги заштитиме луѓето од опасноста на пожарите. Засега, тоа е нашиот единствен фокус.

Апокалиптичната атмосфера дополнително ја потврдуваат и шокантните снимки направени во близина на повеќе градови во Орегон, каде се гледа темно-портокаловата и крваво – црвена боја на небото, од страотните шумски пожари.

Огнената стихија е особено опасна во руралните средини, каде се уништени повеќе стотици куќи а непроодни и блокирани се и голем број од автопатите во регионот, затрупани со запалени дрвја, при што до луѓето се апелира воопшто да не помислуваат да ги користат.

Само во последните 24 часа, апел за итна евакуација бил испратен до 16 000 луѓе, додека потврдени се најмалку 2 смртни случаи.

Во текот на минатите 24 часа, Орегон се соочи со пожари без преседан со значителна штета и страотни последици во целата држава. Сакам да бидам искрен со вас и да ви кажам да очекувате голем број загуби, како во поглед на објекти но и во човечки животи. Ова може да биде најголемата загуба на човечки животи и имот заради шумските пожари во историјата на нашата држава, изјави Кејт Браун, гувернерка на Орегон.

За разлика од Орегон и Вашингтон Стејт, катастрофалните шумски пожари не се ништо ново за Калифорнија, но дури за оваа држава, актуелната состојба е без преседан. Десетици илјади луѓе се присилно евакуирани а досега животот го загубиле најмалку 11 лица. Речиси 1 милион хектари досега се уништени од огнот во текот на оваа година. Во Калифорнија, која се соочува со рекордна суша во последните 20 години, беснеат повеќе од 20-тина пожари, вклучувајќи и 3 од 5-те најголеми во историјата на оваа држава.

 

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Македонија освои прво и второ место на Глобалната спортска роботска олимпијада во Грција

Дејан Дејан

Пожарникарите спасиле човек кој паднал во Драгор – можни одрони на патиштата по обилните дождови

Дејан Дејан

Израел извршил нови воздушни напади врз Кан Јунис, Нусејрат и Џабалија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе