Ова е првата од вкупно 30 фотографии што ја објави на Твитер досегашниот шеф на Делегацијата на Европската унија, Самуел Жбогар, кој вака ќе го одбројува своето заминување од Македонија. Напиша дека е преплавен од емоции и дека на овој начин ќе се навраќа на сеќавањата од изминатите четири години.
На чело на Делегацијата дојде во септември 2016-та, кога земјата беше среде најголемата политичка криза, по скандалот со прилсушуваните разговори.
Тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов го пречека Жбогар со остри критики за односот на Унијата кон Македонија, кој Иванов го нарече погрешен и непродуктивен.
Европската унија со нетрпение очекува да се надмине долгорочната олитичка криза преку договорот од Пржино посредуван од ЕУ и САД и прифатен од главните политички партии со јасни насоки во тој правец за одговорноста и ставање на прво место на интересите на земјата, изјави тогаш.
Три месеци по неговото доаѓање се одржаа предвремените парламентарни избори. Тогаш, Македонија имаше условена препорака за почеток на преговори со ЕУ. Спроведување на Договорот од Пржино и веродостојни избори на 11 декември 2016-та беа клучен предуслов за европскте интеграции.
Жбогар го завршува мандатот кога Македонија има препорака за почеток на преговори и кога се очекува одржувањето на првата меѓувладина конференција, која значи и официјелен почеток на преговорите за членство во Унијата.
На местото на Жбогар доаѓа Британецот Дејвид Гир. Тој стана шеф на одделот за санкции на европската Служба за надворешни работи, истиот септември кога амбасадорот Жбогар дојде во Македонија.
Гир е искусен дипломат. Беше дел од Делегациите на Европската унија на Западниот брег, Ерменија и Грузија, а за шеф на Делегацијата на Европската унија во Македонија е именуван во јуни годинава.
Марија Дивитарова