Свет

Бајден и Харис го обвинија Трамп дека од САД направил урнатини

Кандидатот за претседател на Демократската партија, Џо Бајден и неговиот избор за потпретседател, Камала Харис, жестоко го нападнаа Доналд Трамп како целосно некомпентентен лидер, кој направил урнатини од САД.

Еден ден откако Бајден соопшти дека Харис ќе биде дел од гласачкото ливче за претседателските избори , двајцата го одржаа својот прв заеднички предизборен настан.

На прес конференцијата во местото Вилмингтон, сојузната држава Делавер, која не беше отворена за обичните граѓани заради превенција на ширењето на коронавирусот, Бајден и Харис се појавија со маски на лицата, пред повеќе новинари кои исто носеа заштитни маски.

Бајден го истакна фактот дека Харис, сенаторка од Калифорнија, е првата црна жена во историјата на Соединетите држави, која е дел од трката за највисоката функција во државата.

Камала, како што сите знаете, е паметна. Таа е силна и искусна. Таа е докажан борец за ‘рбетот на оваа држава – средната класа, и за сите оние кои се борат да влезат во средната класа. Камала знае како да раководи. Таа знае како да ги носи тешките одлуки. Таа е подготвена да ја врши оваа работа уште од првиот ден, рече Бајден.

Камала Харис, 55-годишна ќерка на родители имигранти од Индија и Јамајка, оцени дека заради катастрофалната политика на Трамп, загрозено е здравјето на нацијата, како и економијата и образованието.

Страдаме од најлошата криза во јавното здравство во последниот век. Грешките на претседателот во справувањето со пандемијата не турнаа во најлошата економска криза од Големата Депресија. Поминуваме и низ морална криза со расизмот и системската неправда која доведе до нова „коалиција на совеста” на улиците на нашата земја, која бара промени. Америка очајно бара лидерство. Сепак, ние имаме претседател кој повеќе се грижи за себеси отколку за луѓето кои го избраа, рече Харис.

На прес конференцијата во Белата Куќа, Трамп жестоко ја нападна Харис заради исклучително неуспешниот обид за освојување на номинацијата на Демократската партија, при што таа жестоко го критикуваше токму Бајден заради неговиот однос кон расизмот.

Никој не го навредуваше Бајден повеќе од неа. Таа кажа ужасни работи за него, вклучувајќи ги и обвиненијата кои за него ги објави една жена и таа кажа дека и верува на жената. И сега наеднаш таа е кандидат за потпретседател и кажува колку е прекрасен Бајден. Мислам дека е многу необичен избор, затоа што таа кажа толку лоши работи, рече Трамп.

Бајден и формално ќе ја прифати номинацијата на демократите на конвенцијата која ќе се одржи наредната недела а која во најголем дел заради пандемијата ќе биде виртуелен настан.

Сепак, поранешниот потпретседател стана очигледен противник на Трамп уште во Април, кога неговиот единствен ривал, прогресивниот сенатор Берни Сандерс, се повлече од трката.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мицотакис: Ниту С-300, ниту Патроит за Украина, тие системи ни требаат на нас

Дејан Дејан

Нацрт-документот оди на ревизија – одложено гласањето за резолуцијата за Сребреница во ОН

Дејан Дејан

Венецуела планира да стане членка на БРИКС во 2024 година

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе