Вести Свет

Солзавец и димни бомби на анти-владините протести во Бејрут

Солзавец, димни бомби, судири со полицијата на анти-владините протести во Бејрут. Болката и солзите не ги поколебаа Либанците да го продолжат она што го правеа изминативе неколку месеци. Но, овојпат освен сиромаштијата во земјата, причината е катастрофалната експлозија која уби 158 луѓе, повреди над шест илјади, уништи половина град, а без дом останаа триста илјади луѓе. За се е виновна владата, која не успева да се справи со економскиот колапс, и корумпираните функционери, чија неспособност придонела за разорната експлозија…„Луѓето сакаат режимот да падне“ – извикуваа демонстрантите. поставија и бесилка на главниот плоштад…Се обидоа да стигнат до парламентот, но беа спречени од фрлениот солзавец.

Од уништената страна на градот, трае потрагата по најмалку сто исчезнати. Со голи раце се копа по рушевините во надеж дека ќе се пронајдат саканите. И војската бара, нема одмор – само неизвесноста на оние што чекаат да исчезне.

Според мене, работиме 24 часа, дење и ноќе, се додека повеќе не наоѓаме никој. Не знам кога ова ќе заврши, рече генерал Жан Нохра. 

Но, за семејствата на исчезнатите нема утеха. Чекаат пред уништеното пристаниште да добијат вести за браќата, синовите…

Ми кажа дека ќе оди на работа и ќе се врати брзо. Ми рече дека ќе ги носи утре моите деца да ги запише на училиште и после на сладолед. Беше како татко на моите деца. Прво мислев дека е низ болниците, бев во сите, секаде влегов по двапати и повеќе. Не знам каде е, вели Рима ел Захед, која чека вести за исчезнатиот брат. 

 

Седиме на плочников 4 дена, чекаме. Никој не зборува со нас, ниту едно официјално лице од пристаништето не дојде да ни каже нешто. Барем да зборуваме со менаџерите кои беа сведоци на катастрофата. Не си одам од тука додека не го земам, па дури и да е умрен, вели Галеб Хауто, кој чека вести за исчезнатиот син. 

На 25 од загинатите не им е утврден идентитетот. Најмалку 120 од шест илјади повредени се во критична состојба.  Хуманитарната помош веќе е пристигната. Оние кои се со полесни повреди се згрижуваат во шатори. Голем дел од земјите понудија финансика помош за обнова на земјата, а само САД ќе донираат 15 милиони долари.

Се уште се трага по одговорните лица кои дозволиле речиси три илјади тони амониум нитрат да останат во пристаништето во небезбедни услови. Претседателот на Либан вели дека никој не го известил за опасната хемикалија се до минатиот месец, кога наредил проблемот да се реши. Ја обвини претходната власт за тоа што дозволила амониум нитратот да се складира во пристаништето уште во 2013-та година. Сепак, документите покажуваат дека за експлозивниот материјал повеќе од десетпати предупредувале од царина, преку војската и службите за безбедност, до судството. Но никој не реагирал.

Алиса Шутиноска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Притвор од 30 дена за екс директорот на Царина, Стефан Богоев и другите тројца осмничени за местење тендер

Дејан Дејан

Протест на граѓани поради опасното возење и сообраќајните несреќи на улицата „Бутелска“ – бараат надлежните бргу да реагираат

Igor Trajkov

(живо)Ова е рана фаза на истрагата, ќе се обезбедуваат и дополнителни докази, вели обвинителката за случајот со Богоев – Се чека одлуката на Кривичениот суд за барањето за притвор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе