Вистинска револуција на улиците во Бејрут. Ескалираа антивладините протести… излегоа над седум илјади луѓе, кои бараат оставка од владата. Корумпираните политички фигури за нив се виновни за експлозијата на амониум нитратот на пристаништето. Симболично, поставија и бесилка на главниот плоштад. Се обидоа да стигнат до парламентот, а беа спречени од фрлениот солзавец од полицијата.
Но успеаа да влезат во министерството за надворешни, каде палеа документи, и сликата од либанскиот претседател. повикаа да се окупираат и другите министерства.
Улиците наликуваат на воено поле – запалени автомобили и камиони, раскрвавени демонстранти гневни фрлаат со камења и стапови кон полицијата. Се слушаат и истрели од огнено оружје, а медиумите јавуваат за загинат полицаец. Црвениот Крст транспортирал 55 луѓе во блиските болници, а на лице место помош им пружиле на 117 демонстранти.
Загубените животи, уништениот град од разорната експлозија, над шест илјади повредени беа причина повеќе за Либанците да бараат режимот да падне. Време е да ги казниме, велат организаторите.
Како што кажа мојот пријател, ова е премногу. Четири години, ова трае 4 години, и се уште не ја добиваат пораката. Целта ни е промена, и гледаме дека доаѓа, ќе продолжиме да се бориме, дури и да трае долго, ќе продолжиме со борбата, изјави Сониа Фарес, учесник во протестите.
За да ја смири тензијата до нацијата се обрати премиерот, кој предложи одржување на предвремени избори. Ги повика политичките партии да ги остават несогласувањата настрана и да работат заедно.
Се наоѓаме во вонредна состоојба, и не само поради катастрофата, и како да се справиме со неа. Вонредната состојба за која зборувам е патот на оваа држава и нејзината иднина, изјави премиерор Хасан Диаб.
Од уништената страна на градот, се уште се бараат најмалку сто исчезнати. Со голи раце се копа по рушевините во надеж дека ќе се пронајдат саканите.
Трае истрагата за тоа кој е одговорен што речиси три илјади тони амониум нитрат складирани во небезбедни услови на пристаништето експлодираа. Властите одбија меѓународна истрага, под образложение дека тоа би ја пролонгирало правдата. Претседателот на Либан вели дека никој не го известил за опасната хемикалија се до минатиот месец, кога наредил проблемот да се реши. Сепак, документите покажуваат дека за експлозивниот материјал повеќе од десетпати предупредувале од царина, преку војската и службите за безбедност, до судството. Но никој не реагирал.
Алиса Шутиноска
