Македонија

Активисти од граѓанската иницијатива „Стоп Русино – чист воздух за Гостивар“ ја блокираа депонијата

Триесетина активисти од граѓанската иницијатива „Стоп Русино – чист воздух за Гостивар“ и граѓани од околните населби денеска го блокираа пристапот на камионите кои носат отпад на регионалната депонија. Тие со жив штит застанаа локалниот пат од Дона Бањица кон месноста Русино и најавија дека блокадата ќе трае наредните десеттина дена.

Активистите по поставувањето на блокадата ги истакнаа и барањата кои доколку се исполнат ќе ги прекинат блокадите. Засега е неизвесно каде ќе се транспортираат околу 40 тони комунален отпад од гостиварската општина.

Со оглед дека локалната власт не ги зеде предвид нашите барања и по извесен период се решивме на овој чекор. Нашите барања се три: да се запре горењето на ѓубриштето Русино кое сè уште гори, тлее и чади; да се стават камери и обезбедување со што ќе се спречат или идентификуваат подметнувачи на пожарите и општината да побара помош до надлежните институции за санација и затворање на ѓубриштето Русино и одредување нова локација и изградба на регионална депонија согласно ЕУ стандардите, изјави Десо Матески од Граѓанска иницијатива „Стоп Русино – чист воздух за Гостивар“.

Во близина на рампата која е поставена од порано, активистите имаат направено мини-камп во кој ќе дежураат за да спречат поминување на камиони со отпад. Местото го обезбедува и полицијата.

Матески се пожали дека врз него и други активисти, деновиве се вршеле притисоци за да се откажат од блокадите. Тој бил принуден, како што вели да го пријави во полиција директорот гостиварското јавно претпријатие „Комуналец“ по упатени закани.

Од полицијата потврдија дека Исак Љазами директорот на ЈП Комуналец денеска е повикан на разговор во врска со пријава против него и за целосно расчистување на случајот. Тој ги негираше обвинувањата дека се заканувал и тоа го изјавил во разговорот во ОВР Гостивар.

Според него, блокадата на камионите со комунален смет може да предизвика проблеми, со оглед дека се работи за количина од околу 40 тони колку се собираат на дневно ниво. Неподигањето на сметот во летниот период претставува и дополнителн ризик по здравјето на луѓето.

Состојбата со регионалната депонија Русино во последниве два месеци стана актуелна откако гореше отпадот и граѓаните се жалеа на загаден воздух и лоша миризба. Под притисок на јавноста, локалната власт организираше јавна дебата на која учествуваа и претставници на повеќе државни и локални институции. Повеќето од граѓаните во дискусиите ги критикуваа властите дека недоволно се грижат за здравјето на луѓето и дека наметнуваат решенија кои се штетни и неодржливи на подолг рок. Повеќето беа недвосмислени во барањето, депонијата да се затвори.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Бектеши: Со вакви ултиматуми од ВМРО-ДПМНЕ преговорите со ВРЕДИ ќе пропаднат

Дејан Дејан

Заев,Русковска ,Спасовски на листата од 32-ца за кои Боки 13 поднесе кривична пријава

Дејан Дејан

Ѓорчев: СДСМ и ДУИ заедно владееа, заедно треба да одат во избори

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе