Македонија

Хелсиншкиот комитет регистрирал 197 случаи на кршење на работнички права во почетокот на корона кризата

Веднаш по донесувањето на првата мерка за превенција од коронавирусот која директно се однесуваше на работниците, бевме сведоци на чести и груби прекршувања на работничките права. Хелсиншкиот комитет за времетраењето на кризната состојба непрекинато продолжи да им обезбедува бесплатна правна помош на сите работници. Во периодот од 10 март до 30 јуни регистриравме 197 случаи на повреди на правата од работен однос, кои се однесуваа на 2723 работници. Повеќе од 60 отсто од пријавите се однесуваа на работничките со што кризата неизбежно доби и родова димензија.

Најкритични беа првите шест недели по прогласувањето на вонредната состојба, кога беа пријавени 145 од вкупниот број регистрирани случаи. Работодавачите веднаш започнаа со масовни отпуштања на работниците, односно откажувања на нивните договори за вработување. Само во месец март, регистриравме 17 вакви случаи кои опфатија 375 работници. Онаму каде што можеа, работодавачите влијаеа работниците принудно, но „спогодбено“ да го прекинат својот работен однос, па така во март и првата половина на април регистриравме 30 пријави за 317 работници. Овој тренд на пријави за отпуштања почна да се намалува во текот на наредните месеци и од април до крајот на извештајниот период, кај нас беа регистрирани 85 отпуштања и 5 работници кои потпишале спогодба за престанок на работниот однос. Една од најранливите категории работници беа оние со заснован работен однос на определено време на кои, поради специфичната зависна положба во која се наоѓаат, не им беа продолжувани договорите за вработување.

Работодавачите најдоа начин да ги заобиколат притисоците од јавноста за масовните отпуштања во март, па во следниот период започнаа да им ги намалуваат или воопшто да не им ги исплаќаат платите на работниците, директно удирајќи по нивната егзистенција. Овој период, најчестите регистрирани пријави се однесуваа токму на овие прекршувања – на дури 810 работници им беа намалени или воопшто не им беа исплатени платите.

Во 23 случаи регистриравме непочитување на владините мерки од страна на работодавачите и тоа во однос на (не)организирање на работниот процес на начин да се обезбеди потребното растојание, постојана дезинфекција на работните места и заштитна опрема за 1022 работници.

Една од најпогодените од кризата беше преработувачката – текстилната и кожарската индустрија, каде што беа регистрирани најголем дел од повредите на работничките права. Имајќи предвид дека кај нас жените се доминантно застапени во работната сила во текстилната индустрија, овие повреди на работничките права истовремено претставуваат и повреда на правата на жените, што дополнително го потврдува мултидимензионалниот и интерсекциски карактер на овој проблем. Жените се структурно опресирани со самото тоа што преовладуваат како работна сила во индустријата што е убедливо најслабо платена. Дополнително, при криза од овие размери тие се први на удар, затоа што системот кој е создаден да дозволува и/или да ги става во ваква потчинета и угнетена положба, воопшто не поседува механизми да ги заштити.

Инфографикот е изготвен во рамки на проектот ,,Зголемување на продуктивноста преку подобрување на законската рамка за работните односи во Северна Македонија’’, финансиран од Фондот за добро владеење на Британија. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Владата на Обединетото Кралство.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

Се чекаат ДНК-анализите – ќе бидат клучни за истрагата, по убиството на лекарот во Железара

Desk

Собранието го извиси народниот правобранител- не ги изгласа законски измени за поголеми ингеренции и финансиска независност

Дејан Дејан

Само производите со 5 отсто ДДВ да бидат со ограничена маржи, Стопанска комора бара измени во листата од министерот Бектеши

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе