На прес конференциите пред одигрувањето на утрешниот натпревар меѓу селекциите на Бугарија и Македонија неизбежна беше темата околу политичките несогласувања меѓу двете земји.
Меѓутоа двајцата селектори Благоја Милевски и Јасен Петров беа едногласни дека нив ги интересира само фудбалот и дека тоа е спортот кој ги обединува сите луѓе.
“Ние сите сме спортски работници и воопшто не нѐ интересираат никакви провокации, ниту политика на терен. Напротив концентрирани сме само на спортскиот дел и тоа што ќе се случува на терен, воопшто не оптоварувајќи се со политиката. Начинот на кој единствено размислувам е единствено во контекст на спортот и фудбалската игра. Никогаш политички случувања не ни биле неопходни како мотив, напротив фудбалерите секогаш се повеќе од доволно мотивирани секогаш кога го носат дресот на македонската репрезентација. Македонија и македонскиот дрес се секогаш мотив!”, рече македонскиот селектор.

Идентичен став имаше и предводникот на бугарскиот национален тим.
“Фудбалот е најголемата игра во светот. И фудбалот е игра која промовира љубов а не омраза, па така го гледам и мечот со нашите пријатели од Македонија. Јас не сум политичар, и наспроти сите случувања меѓу двете земји знам дека ќе победи фудбалот кој обединува. Јас како тренер се концентрирам само на играта, и го подготвувам тимот за еден почитуван противник кој можеби ја има фаворитската улога, но ние си ги знаеме своите математики. Ова е крај на сезоната, и тежок период за сите играчи, се надевам дека сите ќе бидат здрави до крајот на овој циклус. Знаеме како ќе играме против Македонија, добро се подготвивме и ќе одиме на добар резултат”, изјави Петров.
ФОТО: Игор Паневски
