Откако во текот на ноќта обезбедија компромис за воведување ембарго на најголемиот дел од увозот на руска нафта, лидерите на Европската унија денеска се фокусираат на тоа како да и помогнат на Украина да извезе милиони тони жито блокирано од војната. Се очекува лидерите да ја повикаат Русија да ги запре нападите врз транспортната инфраструктура во Украина и да ја укине блокадата на пристаништата на Црното Море за да може да се испорачува храна, особено од Одеса. Украина вели дека Русија спречила извоз на 22 милиони тони нејзино жито и ја поттикнува глобалната криза со храна. ОН објавија дека африканските земји меѓу 2018 и 2020 година увезле 44 отсто пченица од Русија и Украина. Рускиот претседател Владимир Путин е на ставот дека санкциите на ЕУ ги влошуваат работите.
Лидерите на ЕУ велат дека ќе го блокираат најголемиот дел од увозот на руска нафта до крајот на 2022 година за да ја казнат Москва за инвазијата на Украина. Забраната ширум ЕУ ќе влијае на нафтата што пристигнува по море – околу две третини од увозот – но не и нафтата од гасоводот, по противењето на Унгарија. Високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел вели дека сега треба да се размислува и за руските банки кои се надвор од меѓународната систем на размена.
- Сега имаме план да забраниме 90% од нафтата за увоз во Европската Унија до крајот на оваа година ќе купуваме 90% помалку. Само некои исклучоци за земјите без море, мислам дека е разумен излез од дискусијата. Така шестиот пакет е одобрен. Не треба да се размислува само за забраната за нафта, туку и за уште три важни банки надвор од SWIFT. Сепак ќе ѝ нанесеме повеќе тешкотии на руската економија и размената со надворешниот свет- Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ.
Унгарскиот претседател Орбан го прогласи договорот за победа на неговата земја, велејќи им на Унгарците дека можат мирно да спијат – заштитени од скапите трошоци за гориво што ембаргото ќе ги донесе на остатокот од Европа.
А шпанската берза го започна денот со загуби од 0,39 отсто кај инвеститорите во очекување на објавувањето на инфлацијата во еврозоната, ден во кој цената на нафтата расте за речиси 2 отсто по делумното ембарго на рускиот гас од страна на Европската унија.
Тоа се последиците на кои укажуваа аналитичарите – колку повеќе санкции за руската енергијата, толку повеќе инфлација во ЕУ.
- Сигурно, постои ризик дека колку повеќе санкции за енергијата што ги наметнуваме на Русија, толку повеќе ќе ја погодиме Европската унија на страната на инфлацијата јасно, на цените на нафтата и на нејзините производи: дизелот, бензинот, нафтата и гасот- Матео Вила, аналитичар.
Полска и Германија, исто така, ветија дека ќе го прекинат увозот на гас, што значи дека вкупно 90 отсто од руската нафта ќе биде блокирана. Велика Британија – која добива 8% од потребите за нафта од Русија – вети дека постепено ќе ја укине руската нафта до крајот на годината.
А денеска цената на нафтата Брент се зголеми од околу 100 долари по барел на речиси 120 долари за барел, иако ЕУ никогаш не сака да воведе санкции што ги погодуваат повеќе земјите членки, отколку самата Русија. Која во овој момент бара други купувачи во странство и ги наоѓа. Тие обично се и Индија и Кина, каде ја продава нафтата по 35 долари за барел.
Секако дека со шестиот пакет санкции Русија добива значаен удар, но следните недели и месеци ќе покажат дали навистина е погодена од санкциите или не. Русија во моментов извезува 27% нафта во ЕУ и 40% гас. ЕУ за возврат и плаќа на Русија околу 400 милијарди евра годишно.
Билјана Ставрова
