Податокот од УЈП дека околу 90.000 работници се уште не ја зеле априлската плата за стопанствениците е аларматен и доказ дека фирмите се во сериозни проблеми и со многу нарушена ликвидност. Велат дека не може ништо друго да се очекува со оглед на глобалната криза и покачениот минималец. Поради сите случувања и неизвесноста со воениот конфликт, драстично им се зголемени трошоците, а работењето на фирмите е отежнато. Предупредуваат дека следи период во кој компаниите тешко ќе можат да ги задржат вработените.
Има податоци дека во првите три месеци годинава во преработувачката индустрија 400 компании се затвориле. Лани за цела година бројката била 600, што значи дека годинава доаѓаат проблемите наследени од короната, судрени со оние од воениот конфликт. Така што многу тешко ќе се стопанисува, многу тешко ќе се задржат работниците. Секое изгубено работно место е голем проблем тука, затоа што секаде се отвараат и затвораат едновремено фирми, но кај нас малку се отвораат нови компании, вели за Телма, Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи.
Од здружението „Гласен текстилец“ пак тврдат дека случувањата и покачениот минималец не се причина за неисплата на плати. Овој проблем се провлекува со години и мора да се реши.
Системот за исплата на плати со години не функционира и не се почитува законскиот рок за нивна исплата. Тоа не е дека покачената минимална плата го прави тоа. Ова е проблем кој се случува со години. На крајот по неисплаќање на платите и по неколку месеци, како што имаме случаи само работникот останува оштетен и може да ги бара во судска постапка, но не секогаш ефикасна, ако фирмата е блокирана и се затвора, вели Кристина Ампева, „Гласен Текстилец“.
Според УЈП, ако за март над 7.000 работници чекаат да добијат платата, за април 90.000 работници чекаат исплата. Во овој податок влегуваат и оние кои земаат минималец од 18 илјади. Но, и покрај тоа што тешко ги исплаќаат работниците фирмите редовно ги подмируваат давачките кон државата. Од УЈП велат дека зголемена наплата има кај данокот на добивка, кај персоналецот, но и кај ДДВ – то.
Ирена Чачкова
