По масакрот во супермаркет во американскиот град Бафало (држава Њујорк), тамошната полиција соопшти дека станува збор за најверојатно расистички мотивиран злостор. Беа убиени 10 луѓе додека супермаркетот бил полн во саботата попладне според американско време.
Убиецот, 18-годишен белец, Пејтон Гендрон бил облечен во воена опрема, имал пушка, а својот злостор го пренесувал во живо преку социјалната мрежа Твич. Гендрон напишал и сопствен манифест за злосторството кое го оправдувал со намалување на бројот на белци во САД, објави ЦНН.

„Го истражуваме овој инцидент како кривично дело од омраза и како случај на расистички мотивирано екстремно насилство“, изјави Стивен Белонгија од ФБИ.
Осомничениот возел подолго време, покажуваат снимките од неговиот пренос во живо на интернет, а откако стигнал во населбата во која живее афро-американско население почнал со својот масакр. Убил неколкумина пред полниот супер маркет.
На влезот на маркетот, му се спротивставил поранешен полицаец кој бил ангажиран за обезбедување на објектот, но и тој бил застрелан и убиен од Гендрон. Масакрот прродлжил и внатре, а полицијата на крај го уапсила. Вкупно се застрелани 13 луѓе, повеќето биле афро-американци.
Убиецот Гендрон е уапсен и веќе изведен пред суд кој му определи задржување, притвор без можност за кауција.
