При посетата на Вашингтон, бугарскиот премиер објави дека договорил испорака на течен гас од САД по поволна цена, но опозицијата од парламентарната говорница бара одговори дали брзо изведената посета на Петков на САД немаше и друга цел- промена на политиките на Софија во однос на членството на Македонија во ЕУ, односно дигање на ветото за добивање поефтин гас.
- Се погласно се говори во општеството дека станува збор за договор. Договор со кој бугарското општество треба да биде смирено дека ако го кренеме ветото за Македонија и почнат преговорите за членство во ЕУ ќе добиеме некаков поевтин гас. Тоа мислам дека е очигледно дека нема да се случи, рече Костадин Костадинов, од партијата „Преродба“.
Извесно е дека расте притисокот врз Софија, Стејт департментот објави дека државниот секретар на САД Ентони Блинкен за време на виртуелната средба со Петков ја истакнал „важноста од брз пристап во ЕУ за квалификуваните аспиранти“. Бугарија да го откочи патот на Скопје кон ЕУ, му рекол Демократскиот сенатор Крис Марфи за време на вчерашната средба во Вашингтон.
- „Разговаравме и за важноста од напредок на билатералните разговори со Северна Македонија за деблокирање на патот на Скопје кон членство во Европската Унија. Членството на Северна Македонија на крајот е во интерес на Бугарија и јас јасно ја ставив до знаење поддршката на САД за заклучок кој обезбедува пат напред“, се вели во соопштението од канцеларијата на Марфи.
Петков информираше само за енергетската поддршка, ниту збор за политиката кон Македонија. Но, предходно во интервју за романска национална телевизија рече дека ако опстане неговата влада тие се решени дека иднината на Македонија и Албанија е во ЕУ, бидејќи тоа е добро за регионот, но проблемите треба да се решат.
- Не можам да бидам одговорен за ништо ако мојата влада „исчезне“. Ако мојата влада опстане, а на тоа работам секојдневно, решени сме дека ЕУ-иднината на Северна Македонија и на Албанија е таму, треба да биде таму. Тоа е добро за регионот. Секако, има работи кои сè уште треба да се направат и треба да работиме напорно за да го постигнеме. Ги знаеме пречките и проблемите што треба да се решат, сега само треба да се решат. Освен за тоа, јас не можам да бидам одговорен за друго во иднина, рече Кирил Петков, премиер на Бугарија.
Пред неформална вечера со лидерите на земјите од Западен Балкан, шефот на дипломатијата на ЕУ Жозеп Борел повтори дека иднината на Западен Балкан е внатре во ЕУ.
- Сакам да нагласам дека е потребно тие да останат обединети. Да се преземат неопходните заеднички чекори за безбедна, стабилна и просперитетна ЕУ. Тоа е во наш заеднички интерес. Тоа е најдобриот начин за градење иднина на Западниот Балкан, бидејќи иднината на Западен Балкан, е внатре во ЕУ, и тоа е многу силна причина за да се одржи оваа средба денеска, истакна Жозеп Борел, Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
Додека САД во секоја прилика повторуваат дека Македонија и Албанија веќе во јуни треба да ги започнат преговорите за члнество во ЕУ, францускиот претседател Макрон повика да се формира европска политичка заедница за соработка со земјите чие членсво во ЕУ не е реално во блиска иднина.
Билјана Ставрова
