Ако до пред неколку денови граѓаните буквално се тепаа за шиğе масло, сега ќе го извезуваме. Државата даде амин зејтинот од земјава да се испорачува во продавниците и во земјите од регионот, но и пошироко. Забраната за извоз на овој производ повеќе не важи, затоа што биле задоволени домашните потреби.
Граѓаните велат дека иако го има, сепак неговата цена е превисока. Но, стравуваат дека ваквата одлука може повторно да ги испразни рафтовите.
Од Витаминка за Телевизија Телма посочија дека состојбата со масло во земјава во моментов е стабилна и ваквата одлука тврдат дека нема да го наруши пазарот. Количини има доволно и добро е што повторно ќе се извезува од земјава затоа што на тој начин ќе се задржат пазарите каде се пласираат домашните производи.
Во меѓувреме додека Владата носи одлука да се извезува масло, секојдневно се прави увоз од Србија, но и од други држави. Вчера влегле 42 илјади литри масло. Поради недостаток на овој производ, пред извесно време се склучи и договор со Србија, од таму да бидат испорачани околу 2.000.000 литри масло.
Недостатокот на масло за јадење и неговата висока цена беше причина да се ограничи извозот не само на зејтинот, туку и на другите основни прехрамбени производи. Државата дури даде и препорака секој маркет поединечно да одлучи колку максимално шишиња зејтин може да продаде на еден купувач.
Ирена Чачкова
