Повеќе од 10 илјади хектари утре и задутре ќе бидат испрскани со специјален раствор против комарци.
Службите на Градот детектирале бројни гнезда или како што велат жаришта на комарци во Скопје и утре ќе се впуштат во акција да ги уништат.
Градоначалникот Шилегов изјави дека вонредното прскање требаше да биде денес, но дождот им ги помати плановите на службите и ја одложи акцијата.
Последен пат се прскаше пред точно десет дена, на 15 август. Честа изложеност на прашокот е штетна и за здравјето на луѓето, но и за градинарските култури.
Вонредното прскање нема дополнително да ја испразни градската каса, вели градоначалникот.
Тендерот за обезбедување на средство за уништување на возрасни форми на комарци и ларви е склучен пред неколку месеци.
Скопје е под опсада на комарците уште од пред неколку денови, а анализите на стручните лица покажале дека зголемената влага поради поројните дождови периодов се причина за тоа.
Граѓаните се жалат дека ниту специјалните средства за заштита од комарци не помагаат деновиве – ниту дома, ниту надвор.
Петар Догов