Уште тринаесет денови согласно законскиот рок остануваат за пријавување на доверителите на Еуростандард банка до стечајниот управник Душко Тодевски.
Рокот од дваесет дена по објавеното решение за отварање стечајна постапка важи и за сите правни лица и фирми кои имале сметки во затворената банка и кои треба да ги пријават своите средства останати на трансакциските сметки.
До петокот околу 35 илјади пензионери, поранешни клиенти на Еуростандард, успеале да отворат трансакциски сметки во други банки и тие за три дена ќе може да ги добијат септемвриските пензии на новите сметки. Останататите околу 20 илјади пензионери не отвориле нови сметки, па пензиите ќе ги добиваат откако ќе отворат нова сметка.
За да ги земат септемвриските социјални трансфери, помош, детски додатоци и туѓа нега, сите корисници на овој вид помош мора да отворат нови сметки до вторник 25-ти август. Доколку не успеат ниту тие нема да може да ги добијат социјалните трансфери.
Пензиите и социјалните трансфери ќе се исплатат на корисниците веднаш откако ќе имаат нови семтки, без разлика колку месечни надоместоци не подигнале претходно.
Еуростандард имаше голем број на социјални корисници и пензионери меѓу своите клиенти поради услугите за исплата на домашна адреса како и поради развиената поштенска мрежа за наплата и транспорт на пратки која беше користена за услугите на банката. Околу 55 илјади пензионери и над 50 илјади приматели на социјална помош и додатоци беа клиенти на пропаднатата Еуростандард.
Миомир Серафиновиќ