Белорускиот претседател Александар Лукашенко ги засилува напорите за повторно воспоставување на контролата врз улиците низ земјата по 10 дневните протести кои започнаа по изборите на 9 август. Лукашенко соопшти дека издал наредба за задушување на протестите во престолнината Минск, додека лидерите на ЕУ на виртуелниот самит одлучија за воведување санкции против Белорусија.
Шефовите на западните земји ни нудат преговори, разговори, но во исто време продолжуваат да си туркаат сопствена агенда. Го гледаме тоа, го сфативме но нема да го прифатиме. Сакам да го слушнат тоа, рече белорускиот претседател.
Во заклучоците објавени по видео-самитот на Европската Унија за кризата во Белорусија се наведува дека ЕУ не ги признава претседателските избори, дека Унијата е со народот на Белорусија и ги повикува белоруските власти да изнајдат начин за излез од кризата без насилство и со сеопфатен национален дијалог.
Белорускиот народ заслужува подобро. Го заслужуваат демократското право да ги изберат сопствените лидери и да си ја обликуваат иднината, изјави по самитот претседателот на ЕС Шарл Мишел.
Претходно опозициската кандидатка Светлана Тихановскаја, која тврди дека и била украдена победата на изборите, од Литванија ги повика европските лидери да го подржат „будењето“ на Белорусија.
Луѓето кои излегоа да го одбранат својот глас на улиците во своите градови ширум Белорусија беа брутално тепани, апсени и измачувани од режимот, кој очајнички се обидува да ја задржи власта. Стотици беа повредени а најмалку две лица ги загубија животите. Ова се случува токму сега, среде Европа, рече Тихановскаја.
Според западните медиумски екипи во Минск веќе е видлив различниот пристап на безбедносните служби кон протестите. Поставени се контролни пунктови на неколку клучни точки во градот, меѓу кои и пред влезот во државната телевизија а штрајковите на работниците во државните фабрики беа опструирани од полицијата.
Игор Трајков