Економија го чека деталниот извештај на пазарната инспекција за начинот на кој се формирани цените во маркетите за да пресече дали ќе воведе некакви мерки со кои би се интервенирало во делот на маржата. Министерот Дурмиши соопшти дека инспекторите проверуваат фактура по фактура и го мапираат патот на цената од набавната кај производителот до продажната кај трговецот. Се испитуваат околу 700 производи од 74 групи на основни прехранбени производи.
„За секој производ ќе се анализира целиот синџир на снабдување, од набавната цена кај производителот до продажната цена кај трговецот. Во делот на маржата, бруто-профитната маржа на трговецот, таму каде што ние можеме да реагираме со мерки, таму значи вршени се контролите. Ако имаме зголемување на бруто-профитната маржа од трговците, да ќе влегуваме“, рече Бесар Дурмиши, министер за економија.
Од пазарната инспекција минатата недела за Телма соопштија дека анализата ќе биде готова во првата половина од јули. Анализата опфаќа цени на продукти во март, април, мај и овој месец и тоа за идентичен период во месецот. Неделава треба да се одржи и состанокот со претставниците на производителите и дистрибутерите.
Министерот Дурмиши даде отчет на сработеното во изминатите две години со оценка дека работел успешно, спровел мерки и реформи кои дале конкретни резултати што го стабилизирале пазарот и дале основ за економски раст. Приоритети биле заштитата на животниот стандард на граѓаните, стабилен пазар и нови вработувања преку оперативните планови.
Кога станува збор за бизнисот, Дурмиши кажа дека во рамките на Реформската агенда оптимизирале 28 парафискални давачки и мапирале 100 административни постапки кои постепено ќе бидат поедноставени и скратени. Таргетот кој е поставен е 90 отсто исполнување на агендата.
„Компаниите да инвестираат повеќе време во развој, а помалку во администрација. Спроведовме суштински реформи, ги зголемивме средствата за инвестиции и создадовме предуслови за натамошен економски раст. Свесни сме дека остануваат бројни предизвици пред нас кои треба да ги надминеме. Исто така сме уверени дека реформите што ги започнавме, се цврста основа за економија која ќе биде поконкурентна, поиновативна и поотпорна. Во 2025 година исполнивме два чекора, сега на 30 јуни ќе исполниме околу пет чекори, до крајот на годината очекувам се да биде завршено или исполнето од Реформската агенда“, додаде Дурмиши.
Дурмиши кажа дека е задоволен од неговата работа, не прецизираше дали очекува да ја преживее владината реконструкција и додаде дека со реформите и проектите создал предвидлив и стабилен пазар и дека како приоритет ги поставува зачувувањето на фер конкуренција и заштитата на стандардот на домаќинставата во Македонија.
Огнен Чанчаревиќ
