(Обновено) Владо Јаневски ќе биде погребан во среда на градските гробишта во Бутел.„Сите кои ќе сакаат да се збогуваат со Владо за последен пат, ќе можат тоа да го направат во капелата на Градските гробишта во Бутел во среда (1 јули) во периодот од 10 до 11 часот. Погребот ќе следи веднаш потоа, на гробиштата во Бутел. Има нешто посилно од сѐ“, напишаа од Авалон продукција.
По кратко боледување почина македонскиот поп-пејач и композитор Владо Јаневски – имаше 65-години. Јаневски со децении беше дел од музичката сцена, има издадено шест студиски албуми со големи хитови како „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори зоро“, „Еден бакнеж“ итн.
Од Министерството за култура и туризам изразија длабоко жалење по повод смртта на Владо Јаневски, еден од највлијателните македонски музички автори и изведувачи, кој со своето богато творештво остави неизбришлива трага во современата македонска музика.
„Владо Јаневски беше уметник кој со својата исклучителна музикалност, препознатлива интерпретација и безвременски песни обедини генерации љубители на македонската музика. Неговото творештво, исполнето со емоција, искреност и љубов кон македонскиот јазик и култура, ќе остане трајна вредност и значаен дел од македонското музичко наследство.
Како прв претставник на независна Македонија на Изборот за песна на Евровизија, како и автор и изведувач на бројни антологиски хитови, Владо Јаневски беше еден од најзначајните амбасадори на македонската музика, достоинствено претставувајќи ја земјата на домашната и меѓународната сцена.
Неговата професионалност, уметничка автентичност и долгогодишен придонес во развојот и афирмацијата на македонската популарна музика ќе продолжат да бидат инспирација за идните генерации музичари и уметници.
Министерството за култура и туризам изразува искрено сочувство до неговото семејство, најблиските, колегите и до сите почитувачи на неговото дело.
Споменот на Владо Јаневски ќе живее преку неговите песни, кои засекогаш ќе останат дел од македонската културна меморија“, пишуваат од Министерството за култура.
Од познатиот пеајч, се простуваат негови колеги, фанови и пријатели.
„Токму кога најдобрите се најпотребни, ти заминуваш…. Ми беше другар, а јас твојата Каља, како што милуваше да ме викаш… Многу нешта споделивме во овој живот и во следниот повторно ќе се најдеме… Некогаш и негде“, напиша Калиопи.
Каролина се прости од Јаневски со нејзината омилена и напиша::
„Владе мој, збогум со твојата песна што најмногу ја сакав… и никогаш нема да те заборавам“
Тамара Тодевска се прости со следните зборови:
„Премногу направено, дадено и оставено… стиховите на кој никој не остануваше рамнодушен ќе бидат потврда за твојата вечност и големина. Ми беше чест што те познавав. Патувај мирно, драг мој Владо.“
Еден од последните негови настапи е на „Златна бубамара на популарноста“ на 26 февруари годинава, кога ја доби наградата за трајни музички вредности. . Во 2024, тој доби награда за концерт на годината, по петте концерти кои ги одржа во Филхармонијата, со кои прослави 30 години кариера. Во март, тој ѝ беше гостин на хрватската пејачка Весна Писаровиќ на нејзиниот концерт во Скопје, во дуетот „Љубовта е моја религија“, што го сними со неа на хрватски јазик, а потоа го препеа на македонски со Каролина Гочева
