По реконструкцијата на Владата, ВЛЕН ќе има 6 министерства, соопшти Беким Сали, генерален секретар на ВЛЕН и актуелен вицепремиер и министер за европски прашања.
Тие го напуштаат здравство – ресор со кој министеруваше Азир Алиу, а ги добиваат министерствата за правда, култура и министерството за односи со заедниците, каде на чело беа Иван Филков од ЗНАМ, Зоран Љутков од ВМРО ДПМНЕ и Иван Стоиљковиќ од Демократската Партија на Србите.
Според неофицијални информации на Телма, ВЛЕН за нов министер за првада ќе го предложи професорот Јетон Шасивари кој е професор по уставно право и админстративно право на Штуловиот универзитет. Предлог на ВЛЕН за нов министер за култура ќе биде Седат Сулејмани кој досега ја извршуваше функцијата заменик-министер.
Кадар на ВЛЕН, според партиски извори, треба да застане и на чело на Министерството за односи меѓу заедниците и за оваа позиција ВЛЕН ќе го предложи Агон Ферати – кој беше потпретседател на Движењето за реформи во ДПА.
Беким Сали останува да биде прв вицепремиер и министер за евроинтеграции, Мухамет Хоџа и натаму ќе раководи со министерството за животна средина, а со министерството за економија Бесир Дурмиши.
„Во пакетот за учество во владата договорени се министерствата за животна средина, економија, правда, култура, за евроинтеграции и за односи меѓу заедниците. Се уште нема финално име за правда и култура, но тоа ќе бидат две нови имиња. Актуелните министри мислам дека добро перформираат во Владата, задоволни сме како Вреди и ќе продолжат понатаму. Здравство не е дел од пакетот, не од нашиот, изјави пред новинарите и партсикиот собир Беким Сали, генерален секретар на ВЛЕН и актуелен вицепремиер и министер за европски прашања.
Премиерот Мицкоски најави дека во вторник ќе ги објави новите имиња во реконструираната влада.
