Нови шокантни детали за случајот со мајката која го тепаше своето бебе, а го спасија минувачи во Тетово. Детето е дадено во згрижувачко семејство, а ова е веќе трет пат да и бидат одземени родителските права на 41-годишната жена во Тетово. Според нејзините искази, кои за ТЕЛМА ги откриваат од Центарот за социјални работи, таа има родено уште неколку деца кога живеела во други градови за кои тврдела дека и се одземени.
Тримесечното бебе кое на 14 јуни беше тепано од мајка му, па спасено од минувачи, веќе е во згрижувачко семејство, а ова не е прв пат за 41-годишната родилка да ги има изгубено родителските права, покажува евиденцијата на тетовскиот Центар за социјални работи.
Две деца и се одземени во 2024 година бидејќи биле занемaрани од неа и вонбрачен партнер со кого живее во тетовско Сараќино.
Тогаш Центарот добил пријава од мештани на Сараќино дека двете деца се оставени на улица, повредени и без облека.
- По завршените прегледи на малолетните деца и тоа машко скоро 1 година возраст и другото женско на 1 месечна возраст, беа најдени во раните утрински часови надвор, голи не се соодветно облечени. Машко дете беше со видливи повреди. По утврдување на фактичката состојба е утврден висок ризик за безбедност и сигурноста на децата, стручни лица при ЈУЦСР Тетово констатира дека во најдобар интерес на децата е истите да бидат згрижени во згрижувачко семејство каде ќе добијат соодветна грижа, нега и здравствена заштита- Магдалена Веселиновска, директорка на Меѓуопштински центар за социјални работи Тетово.
Според директорката, додека се работело на овој предмет службениците од Центарот добиле исказ од 41-годишната жена, дека таа има родено и повеќе деца, кои исто така, веќе неколку години се сместени во згрижувачки семејства.
- Во текот на постапката од лицата беа добиени сознанија дека лицето претходно живеела на други локации на повеќе места низ државата и по нејзино кажување има родено повеќе деца кои се згрижени, во згрижувачки семејства и домови и самата таа како дете била згрижена во дом за деца без родители. Од увид во евиденција лицето е во брак со лице од Прилеп на истата толку години не живее со него. Тој е издржување на казна затвор- Магдалена Веселиновска, директорка на Меѓуопштински центар за социјални работи Тетово.
Откако минувачи на 14 јуни и го одзедоа тримесечното бебе за да го спасат од претепување, тоа беше на болничко лекување повеќе од една недела.
По подобрувањето на здравствената состојба и отпуштањето од болница, стручните лица заедно со назначениот старател го презеле бебето и го сместиле во згрижувачко семејство.
Александар Самарџиев
