Ревизијата во болницата во Прилеп ја завршивме максимално брзо, ги утврдивме состојбите и имаме поврат на дел од средствата. Но, таму наидовме на состојби за кои се известени и други надлежни органи кои треба да преземат мерки за преземање на одредени благородни метали, изјави Максим Ацевски, главен државен ревизор, во вечерашното интервју во „Топ тема“ на Телма ТВ.
„Побаравме надлежна институцвија да преземе мерки, таквите благородни метали да ги преземе во интерес на државата, бидејќи може да дојде до нивно несовесно или ненаменско користење“, истакна Ацевски.
Тој не сакаше да открие детали за каков тип на благородни метали станува збор, бидејќи, како што рече, станува збор за чувствителна информација.
„Кога велам благородни метали, тоа е наследено од денталните услуги од претходниот период, кога јавните здравствени установи даваа услуги на граѓаните. Се работи за одредена количина на благороден метал за кој надлежната институција треба да преземе активности и да го стави во депото на државата. Не е украдено, се наоѓа во јавната здравствена установа. Од нашата страна ги презедовме сите мерки и активности за известување на надлежната институција и се надевам дека е постапено и таквите благородни метали се наоѓаат во депото на државата“, додаде Ацевски.
С.Д.
