Пратеничката група на СДСМ и коалицијата, поднесе вкупно 82 амандмани на предложените законски решенија за судската и јавнообвинителската служба, соопштија од СДСМ.
„Од нив, 55 амандмани се однесуваат на Законот за судска служба, 27 на Законот за јавнообвинителска служба, а дополнително 19 амандмани ќе бидат поднесени како комисиски амандмани.
Предлог измените се резултат на сериозни укажувања од стручната јавност и синдикалните претставници, кои јасно предупредуваат дека предложените решенија во сегашна форма во Предлог законите ја загрозуваат независноста на судството и значително ја влошуваат положбата на вработените во правосудниот систем“, соопштија од СДСМ.
Од партијата велат дека овие служби не смеат да бидат игнорирани, бидејќи токму тие се носители на секојдневното функционирање на правосудниот систем и најдобро ги познаваат реалните предизвици во праксата.
„Доколку овие амандмани не бидат прифатени, постои сериозно предупредување дека судската служба ќе биде вратена две децении наназад, со ризик од институционален хаос, дополнително ослабување на системот и забрзан одлив на веќе недоволниот стручен кадар.
Затоа, повикот е јасен да се слушне гласот на стручната служба и да се заштити независноста и достоинството на судската и јавнообвинителската служба“, пишува во партиското соопштение.
Вработените во службите на јавната расправа во Собранието упатија низа критики за предложените законски решенија истакнувајќи дека дел претходно усогласените ставови не се вградени во текстот, негодуваа околу тоа како се уредени пресметките за плата и побараа текстот или да се повлече законот од процедура или пак да се интервенира амандмански.
Поддршка на вработените отворено даде државниот обвинител Ненад Савески. Тој во интервју на Топ Тема рече дека јавните обвинители ги поддржуваат вработените во јавнообвинителската служба, зашто без нив обвинителите не би можеле да ги завршат своите обврски.
Савески истакна дека Јавнообвинителската служба е крвотокот во Јавното обвинителството, а тие ниту се добро платени ниту имаат добри услови за работа, а еден работи за двајца или тројца.
„Многу ме израдува моментот дека овој закон ја поминал владината процедура, меѓутоа таа радост кратко траеше зашто за брзо се запознавме со содржината на тој закон и беше големо разочарување за јавнообвинителската служба вклучувајќи ме и мене.
Ако се спореди текстот на актуелниот закон со предложениот закон се забележуваат само некои промени кои нема да бидат од значење ниту за финансискиот статут ниту за унапредување на јавнообвинителската сужба во хиерархијата на јавнообвинителскиот систем“, рече Савески во интервју за Топ тема.
