Вести Македонија Најважни

Власта во реконструкција, опозицијата со оценка – се менуваат фотелјите, но не и политиките

Опозицијата е консолидирана и расте ама власта нема да добие алиби за предвремени избори. Социјалдемократите порачуваат дека немаат намера да бидат „резервен играч“ во сценариото за предвремено изборно соочување. Лидерот на партијата Филипче со оценка и за реконструкцијата на Владата која треба да се случи во следните две недели – смета дека станува збор за промена на фотелји, а не промена на политики, оставајќи ги граѓаните и понатаму без очекуваните резултати.

Мицкоски пред неколку дена на прославата на партискиот роденден, од Струмица порача дека прво на ред е реконструкцијата на владините редови, а потоа и избори ако треба и дека партијата е подготвена за секое сценарио.

Ние нема да му дадеме алиби на премиерот за предвремени избори. И кажавме, избори ќе има кога ќе им снема пари, затоа што тоа е концептот на нивното владеење. Кога ќе ги дотрошат сите пари за партиски тендери, тогаш ќе одат на избори. И како што гледате, има контрадикторни изјави од него. Сакаме редовни, па сакаме предвремени, спремни сме, итн. Нема да бара алиби, ниту ќе му дадеме ние како опозиција за предвремени избори. Во однос на реконструкцијата и што може да се очекува, што може граѓаните да очекуваат – ништо! Ќе се заменат некои луѓе, ќе си ги заменат фотелјите и сè ќе биде исто. Нема напредок, нема мерки за граѓаните, нема ништо да се почувствува подобро. Тоа ќе бидат само некои козметички промени“, вели Венко Филипче, претседател на СДСМ. 

Филипче денеска ја критикуваше власта и за неисполнетите ветувања по две години власт, со акцент на економијата и евроинтеграциите. А, од ВМРО-ДПМНЕ, пак, остро до Филипче. Подготвен е на сè за да дојде на власт, велат од владејачката партија и го обвинуваат лидерот на опозицијата за политички пазар.

„Во време кога од Бугарија доаѓаат пораки со кои се оспоруваат делови од македонската историја, јазик и културен идентитет, Филипче останува нем на тие позиции и безрезервно ги поддржува отстапките што се бараат од Македонија. Очигледно е дека за него поважно е да обезбеди политичка поддршка однадвор отколку да застане зад ставовите и чувствата на македонските граѓани. Македонија има потреба од достоинствен европски пат, но со јасни гаранции и без нови идентитетски условувања. Власта и државните интереси не смеат да бидат предмет на политичко пазарење. Граѓаните се тие што одлучуваат кој ќе ја води државата, а не странски центри на моќ“, вели Бране Петрушевски од ВМРО – ДПМНЕ. 

Инаку, Владата во следните десетина дена треба да го заокружи списокот со кадровски освежувања, а премиерот Мицкоски најави дека до први јули истиот ќе се најде во законодавниот дом. Во изминатите два дена, делегации на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ одржаа средби зад затворени врати и со тоа е комплетирана првата фаза од разговорите, во конструктивна атмосфера. Јавноста сè уште нема детали – кој останува, кој ротира, а кој заминува од министерското столче.

По реконструкцијата на Владата, ќе следат промени и во другите структури на локално ниво, во делот на директори на јавните претпријатија коишто не сработиле доволно.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

КОД: Кој се кити со македонското злато

Дејан Дејан

Ако улицата се скрати еден метар, нема да можат да поминат ни Пожарна, ни Брза помош – жители од Маџир Маало бараат општина Центар да ја стопира узурпацијата на јавен простор

Дејан Дејан

Топлото време ги зголеми повиците на Итната медицинска помош

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе