Повеќе од 14.500 матуранти денеска го полагаа првиот екстерен испит од државната матура за оваа учебна година. Годинава за првпат се применува новиот концепт кој им овозможи на учениците да изберат меѓу државна, државна стручна и државна уметничка матура.
Во зависност од изборот, денеска полагаа странски јазик, математика или историја. Според министерката за образование Весна Јаневска, полагањето помина без проблеми.
„За првпат државната матура се спроведува според новата Концепција. На овој начин учениците ќе бидат тестирани според наставните содржини што реално ги изучувале во текот на средното образование, што претставува значаен исчекор кон поголема правичност и еднакви можности за сите матурант“ – изјави министерката Весна Јаневска.
Испитите се реализираат во средните училишта, каде што се обезбедени сите потребни услови за полагање. Дел од матурантите испитите ги полагаа во амфитеатрите на повеќе високообразовни институции, модел кој според надлежните се покажал како поефикасен во спречувањето на препишувањето
„Минатогодишното искуство покажа дека полагањето во голем простор вродува со плод, така што начинот на којшто се организира полагањето во големи простории каде што има поголем број ученици, за разлика од минатото кога имаше по 15 ученици во просторија, се покажа како успешен. Немаме појави на препишување, дофрлување и користење телефони во просториите за полагање. Се надевам дека и оваа година нема телефони во просториите. Тоа е обврска на училишната матурска комисија, на тестаторите кои се крајно одговорни, како и на набљудувачите кои се присутни за да го сведеме тоа не на минимум, туку на нула, “ рече директорката на Државниот испитен центар, Даниела Јовческа-Михајловска.
За спроведување на матурските испити ангажирани се околу 2.500 тестатори и 200 набљудувачи.
Вториот екстерен испит по мајчин јазик ќе се полага на 11 и 12 јуни, а резултатите ќе бидат објавени најдоцна еден месец по завршувањето на испитниот процес.
Емилија Mисирлиевска
