Бугарија го блокира усвојувањето на Акцискиот план за правата на малцинствата на земјава, од страна на Европскиот совет, без кој Македонија и доколку ги донесе уставните измени, нема да може да го отвори првиот кластер од преговорите со Европската унија. Акцискиот план, на тој начин, станува нова пречка за старт на преговорите поврзан со Бугарија.
Премиерот Христијан Мицкоски, информираше дека документот кој е донесен од владата е усогласен со експерт за човекови права делегиран од страна на Европската комисија, а зелено светло за него дале и 26 од 27 земји-членки на Унијата.
„Неофицијално ова го кажувам, е усогласен со 26 земји-членки освен со една, исто какмо што таа една е против да бидеме дел од иницијативата „Трите мориња“ – изјави премиерот Мицкоски.
На прашањето, зошто таа држава – Бугарија, не го прифаќа, што конкретно бара, премиерот со краток одговор:
“Кога би знаел да ви кажам, ќе ви дадев одговор“.
Мицкоски кој вчера учествуваше на самитот Европска унија – Западен Балкан на кој се разгледуваше нон-пејперот на Германија и Франција за забрзување на процесот на проширување потврди дека нон-пејперот за одредени механизми кои би биле во корист на земјите-кандидати предвидува тие да имаат отворено кластери и поглавја во преговорите.
„Но и тука ќе има во периодот кој следи, одредени поместување, така што, еве да ја видиме последната верзија па сите ќе може да дискутираме“, рече Мицкоски.
Мицкоски повтори дека е задоволен од средбите кои ги имал со лидерите на Германија и Франција, Фридрих Мерц и Емануел Макрон, информирајќи дека тие му дале одговори на некои од дилемите кои ги има македонската страна, но не сакаше да открие какви.
За тоа дали имало обид за средба со премиерот на Бугарија, Румен Радев, во Тиват, одговори дека тие само се поздравиле од култура која се учи во првите седум години од животот.
Инаку Радев од Тиват вчера повторно ја и порача на земјава дека без спроведени уставни измени да не се надева на старт на преговорите.
И лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по самитот ЕУ-Западен Балкан, со став дека самитот испратил јасен сигнал дека регионот припаѓа во Европската Унија и дека за првпат се отвораат нови, олеснети механизми за приближување кон членство.
„Нудат механизми за првпат со коишто се олеснува нашата евроинтеграција и со коишто бенефитите од членство се добиваат многу повеќе и се чувствуваат дури и за време на преговорите, а не откако земјата ќе стане членка на Европска Унија“, порача Филипче.
За позитивните пораки од Мерц и Макрон дека за Западен Балкан има место во Европската Унија, Филипче, и порача на власта дека таа повеќе нема изговори за блокирањето на европскиот пат на земјата и го повика Мицкоски да каже што ќе прави сега после оваа позитивна реторика.
„Премиерот треба да каже што ќе направи тој, еве кога веќе е јасно позитивна реториката“, изјави Филипче.
Според него пораките од европските лидери јасно и директно кажуваат дека граѓаните не треба да им веруваат на пропагандите и лажните кампањи дека во Европа не не сакаат.
Тамара Грнчароска
