Тајван повторно порача дека е суверена и независна држава, откако американскиот претседател Доналд Трамп предупреди против формално прогласување независност од Кина.
Изјавите доаѓаат по дводневниот самит во Пекинг меѓу Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг, каде темата за Тајван била една од главните точки на разговор.
Тајванскиот претседател Лаи Чинг-те и претходно изјавуваше дека островот нема потреба формално да прогласува независност, бидејќи веќе се смета за независна држава.
Портпаролката на претседателството Карен Куо нагласи дека е „самоочигледно“ оти Тајван е демократска и суверена земја, но додаде дека властите остануваат посветени на одржување на статус-кво односите со Кина.
Меѓувреме, Трамп изјави дека не сака ескалација на тензиите со Пекинг и порача дека не поддржува потези кон формална независност на Тајван.
Сепак, тој најави дека наскоро ќе донесе одлука за пакет оружје вреден 11 милијарди долари за Тајван, додека Кина продолжува со засилени воени активности околу островот и остро се спротивставува на секоја идеја за независност.
