Авион „Ербас А220“ на компанијата Croatia Airlines излета од пистата при полетување на аеродромот во Сплит. Инцидентот се случил околу 13:30 часот додека авионот се подготвувал за лет кон Франкфурт.
Според информациите од аеродромските служби, авионот од засега непознати причини скршнал од пистата и завршил на тревната површина покрај неа. При тоа биле оштетени светлата и ознаките долж пистата, а леталото претрпело помала материјална штета.
Во авионот имало 132 патници и пет члена на екипажот. Сите биле безбедно евакуирани и нема повредени. Од авиокомпанијата соопштија дека екипажот постапил согласно безбедносните процедури и навреме го прекинал полетувањето.
Поради инцидентот, воздушниот сообраќај на аеродромот во Сплит бил привремено прекинат, а дел од летовите биле пренасочени кон Задар и Загреб. Надлежните служби и воздухопловните власти започнаа истрага за причините за несреќата.
