Вести Свет

Трамп и Си имале одлични разговори, но засега нема детали за постигнати договори

Многу успешни, значајни, одлични, дури и историски разговори кои овозможиле надминување на тензиите и стабилизација на меѓусебните односи. Ова е оценката која ја споделија претседателите на САД и Кина, Доналд Трамп и Си Џинпинг, за разговорите кои ги водена во текот на дводневната посета на американскиот лидер на Пекинг.

„Оваа посета е историска и значајна посета. Досега воспоставивме нови билатерални односи, поточно конструктивни односи на стратешка стабилност. Ова може да се опише како значајна посета“, изјави кинескиот претседател, Си Џинпинг.

„Ова беше неверојатна посета. Мислам дека од неа произлегоа многу, многу добри работи. И склучивме неколку фантастични трговски договори. Одлични за двете земји“, рече шефот на американската држава, Доналд Трамп.

Во однос на конкретните договори кои биле постигнати во текот на разговорите Трамп – Си, засега нема премногу детали.

Во однос на претходната посета на Трамп на Кина, во 2017-тата година кога беа потпишани трговски договори во вредност од повеќе стотици милијарди долари, овој пат нема детали од овој вид, иако Трамп со себе донесе и голема бизнис делегација, вклучувајќи и некои од најбогатите луѓе и корпоративни лидери од Америка, како Елон Маск, Јенсен Хуанг од НВидиа ,Тим Кук од Апл или Кели Ортберг од Боинг.

Едно од најтешките прашања во односите меѓу Кина и САД останува статусот на Тајван, кој Кина го смета за своја суверена територија а САД на островот секоја година му продаваат оружје во вредност од повеќе милијарди долари.

„Разговоравме и за продажба на оружјето исто така и тоа доста детално и јас ќе ги носам одлуките, но знаете… мислам дека последното нешто што ни треба во моментов е војна оддалечена над 15 000 км.Тоа е последното нешто што ни треба. Ни оди многу добро“, изјави Трамп.

Кина за посетата на Трамп ја засили и меката дипломатија, организираше државен банкет за него а претседателот Си Џинпинг денеска го пречека и прошета Трамп во Жонгханаи, комплексот во близина на забранетиот град во Пекинг, во кој е сместена резиденцијата на кинескиот лидер и останатите највисоко рангирани кинески претставници. На Трамп очигледно му се допадна градината.

„Прекрасно место, прекрасно. Би можел да се навикнам на ова“, изјави Трамп.

Кина ретко пречекува гости во овој високо обезбедуван комплекс, кој е резервиран само за најблиските сојузници. Рускиот претседател, Владимир Путин, кого Џинпинг го нарекува свој близок пријател, најмалку два пати бил гостин – во 2024-тата и 2025-тата година а од американските претседатели, претходно комплексот го посетил и Барак Обама, во 2014-тата година.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Украина и Молдавија отвораат нов кластер со ЕУ- едногласна одлука во Брисел

Sasko Dimovski

Изборниот законик доби дополнителен грејс период да биде донесен

Tea Dimkovska

Пожари беснеат во Штип и Пробиштип – се гасне и од земја и од воздух

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе