ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од шефот на обвинителството за организиран криминал и корупција, Ислам Абази, а СДСМ од новоизбраниот државен јавен обвинител, Ненад Савески. Од владеачката партија реагираат за запирањето на истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“, вреден 167 милиони евра, кое за нив е скандалозно и доказ, како што обвинија, за влијанието на претходната влада предводена од СДСМ и ДУИ кои го имале врз Абази.
„Пред само една година, обвинителството кое го води Ислам Абази побара притвор за четири лица осомничени во овој случај, затоа што сметаа дека осомничените може да се дадат во бегство или да влијаат врз сведоци во постапката, за денес, година дена подоцна, истите овие обвинители да одлучат дека нема основ да се продолжи овој случај. Целата јавност, во овој скандалозен случај, виде перење на пари, криминал и труење на животната средина, само Ислам Абази не виде ништо“, рече Дафина Стојаноска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ го повикуваат шефот на Советот на јавни обвинители, Башким Бесими да одговори зошто седи на страна, а обвинителката која го водеше предметот Катерина Коларевиќ да каже како има утврдено дека нема штета.
Од СДСМ, пак, реагираат дека премиерот Христијан Мицкоски по телефон договарал предмети и тек на истрага со Савески.
„Мицкоски нарачува, а Савески испорачува. Слушнавме како Мицкоски дели задачи од собраниска говорница, со неговите чувства, слушнавме како елиминира независни обвинители од постапка на телевизија, сега и по телефон дека дели задачи. Ете така изгледа партизираното судство и обвинителство во Македонија. Така изгледаат „реформите“ на Мицкоски и организирана криминална група ВМРО“, изјави Александар Саша Димитријевиќ од СДСМ.
Од опозициската партија порачуваат и дека 160 дена нема одговор, ниту реакција од обвинителството за криминалните тендери кои јавно ги објавиле.
Марија Митевска
