По првичниот шок, премиерот Мицкоски најавува жалба на ЕСМ за одлуката на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) да ја запре истрагата за злоупотреби со набавка на мазут за ТЕЦ „Неготино“ во време на енергетската криза од декември 2021-ва до средината на 2023-та година.
Правниот тим на ЕСМ е на готовс, но засега работат на слепо, бидејќи сè уште не ја добиле одлуката на обвинителството и се потпираат на информации од јавноста, велат од ЕСМ.
„До овој момент, до АД ЕСМ сè уште не е доставено Решението од ОЈО ГОКК во врска со осомничените за тежок криминал – набавка на мазут за ТЕЦ „Неготино“. Сепак, следејќи ги информациите објавени во медиумите, правниот тим на Компанијата веќе ги презема сите подготвителни активности да поднесе соодветна Жалба, веднаш по официјалното примање на Решението. АД ЕСМ ќе ги искористи сите правни механизми кои ни стојат на располагање за заштита на интересите на Компанијата“, одговорија од ЕСМ.
Кога ќе го примат решението за запирање на истрагата ќе имаат осум дена да подготват жалба.
Кривичната пријава беше за серија злоупотреби со набавките на мазут, а МВР кога ја поднесе лани во март тврдеше дека државата претрпела штета од над 167 милиони евра преку наместени постапки и транспортирање на мазутот до ТЕЦ „Неготино“.
Пријавата беше и за перење пари, но обвинителството ја затвори истрагата, бидејќи соопштија дека не се обезбедени докази за кривични дела и за финансиска штета. Обвинителството на брифингот наведуваше сведочења на вработени во ЕСМ кои во истрагата тврделе дека нема штета, туку корист и со тендерите биле избегнати рестрикции на струја во Македонија.
Премиерот очекува по жалбата, Вишото обвинителство да ја преиначи одлуката, а грешките ги лоцира во врвот на ОЈО ГОКК водено од Ислам Абази.
„Очекувам случајот повторно да биде вратен на преразгледување и на повторна анализа, бидејќи ако тоа не се случи, обвинителството дефинитивно го губи својот кредибилитет. Мислам ОЈО ГОКК, обвинителството за гонење организиран криминал, со овој обвинител сме го коментирале, со Ислам Абази сме го коментирале и нема што дополнително да кажам. Во текот на вчерашниот ден разговарав со јавниот обвинител Ненад Савески на оваа тема. Тој ме информираше дека не бил информиран за оваа одлука на ОЈО ГОКК што го води Ислам Абази“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на владата.
Абази по повиците да даде оставка вчера на брифингот со новинарите рече дека не коментира политика и никогаш не влијаел и не вршел притисок врз обвинители кои, според него, се независни во своето одлучување. Истрагата ја запре обвинителката Катерина Коларевиќ која тврди дека одлуката ја донела сама, без реферирање на колегиум, бидејќи не нашла докази, по што телефонски го известила државниот обвинител Ненад Савески. Савески, пак, рече дека случајот не му бил рефериран.
Истрагата е запрена за Ратко Капушевски и неговата фирма РКМ, за Асмир Јахоски, сопственик на „Пуцко петрол“ и син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски, за поранешните директори во ЕСМ, избеганиот Васко Ковачевски и Адриан Муча, Ерџан Сулковски и уште осум други осомничени. Телма ги контактираше адвокатите на Капушевски и на Јахоски и тие посочија дека досега или воопшто не го добиле решението или не го разгледале за да одлучат за наредните чекори, бидејќи поради одлежаниот притвор имаат право и на отштета.
Миомир Серафиновиќ
